СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Ако Франција беше, и се’ уште е, најголемиот заложник за зајакнување на европската безбедноста и одбранбена политика, Германија беше вториот европски лидер кој цврсто се спротивставуваше и своите политики ги насочуваше на многу области, но не и на одбраната.
Она што Русија го поттикна со инвазијата се чини дека никој и никаков глобален настан не можеше да влијае. Германија веќе го зголеми вложувањето во одбраната на 1,5% од БДП, а Канцеларот Олаф Шолц најавува дека државата дури и ќе го надмине препорачаниот минимум на НАТО од 2% од БДП кој би одел како влог во безбедноста и одбраната. Ако претходно Партијата на зелените беше против било каква вооружена помош, со инвазијата на Украина тоа се променува и се чини дека и самите партии ги менуваат своите идеолошки патишта за да одговорат на заканите.
Неколкугодишните мигрантски бранови, Ковид 19 пандемија и сега инвазијата од Русија врз Украина се премногу за Европа, па и за Германија. Државата го менува курсот и долгогодишните приоритети ги пренасочува кон одбрана, безбедност и вооружување.
Веќе долг период наназад Франција е таа која ја влече локомотивата на одбраната. Инсистира на поголемо вложување, исполнување на барањата на НАТО, работи на интеграција на европската одбрана и Макрон ја промовира идејата за европска армија. Со коронавирусот сите овие планови како да останаа во втор план, но низ пандемијата се виде дека токму одбраната е неопходна за справување со здравствена криза во која се бара транспорт на вакцини и друг материјал, комуникација и размена на технологии.
Коронавирусот даде одредени сигнали дека одбраната мора да се зајакнува за инвазијата да го вклучи алармот, па дури и кај Германија, но оваа промена на насоката, и тоа драстична, можеше само Путин да предизвика.