Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен, во говорот на отворањето на фестивалот во Салцбург изјави дека Украинците кои се борат против руската агресија се борат и за „нашите вредности, мир и слобода“, пренесува Укринформ.
„Нашата слобода и целиот модел на нашиот соживот се ставени на тест. Нашата демократија е нападната. Со висока агресивност и деструктивност. Имаме уште една војна во Европа. Жени, мажи, деца, семејства се убиени“, рече тој.
Според Ван дер Белен, бидејќи западните демократии не се согласуваа со руската агресија врз Украина, сега Путин „сака не само Украина, туку и нас да не фрли на колена.“
Тој ја истакна потребата да се признае дека „оваа борба меѓу деспотизмот и слободата“ нема да заврши за неколку недели или месеци – „таа само што започна“.
Ван дер Белен наведе три можни сценарија за понатамошен развој на настаните. Според првото од нив, Путин зема предвид сè, „сфаќа дека треба да ја прекине војната, да се доближи до Европа и да се откаже од своите блокади“, и признава дека мора да има соживот меѓу Русија и Европската унија. Во овој случај, би дошло до „замрзнат конфликт“ и „ќе продолжиме да живееме како досега во следните неколку години, гасот ќе продолжи да тече“. Сепак, според него, оваа опција не е многу веројатна.
Второто сценарио претпоставува дека „Европа ги прекинува санкциите“ и „ја остава Украина на својата судбина“. Во овој случај, рускиот гас продолжува да оди во Европа и сите живеат „како порано“. Според претседателот, во овој случај Европејците „би платиле уште поголема цена“ во иднина.
„Во ова сценарио, ние би платиле со нашиот суверенитет, со нашата безбедност и пред се со нашата слобода. Путин не води војна против санкциите. Тој води империјалистичка војна“, рече Ван дер Белен.
Според него, најреалното сценарио е дека „сè ќе продолжи вака и може да биде уште полошо.
„Путин ќе ја продолжи бруталната војна и ќе продолжи да ни ги намалува испораките на гас, а можеби дури и да ги запре доколку тоа му се допадне. “, рече Ван дер Белен.
Подготви: Д.Мишев