Велика Британија воведе санкции за целата иранска полиција за морал и неколку безбедносни службеници во Иран како одговор на насилното задушување на масовните протести што избувнаа во земјата по смртта на 22-годишната Махсе Амини во полиција.
Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги замрзнува средствата и воведува забрана за влез на „целата полиција за морал, како и на нејзиниот шеф Мохамад Ростами Чешмеј Гачи и шефот на огранокот во Техеран Ахмед Мирза“.
На списокот се и командантот на единицата Басиџ, која е во рамки на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, Голамрез Сулејмани, командантот на специјалните полициски сили Хасан Карами и главниот командант на иранската полиција Хосеин Аштари.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли рече дека санкциите „испраќаат јасна порака до иранските власти – ве сметаме за одговорни за потиснувањето на правата на жените и девојчињата и за шокантното насилство на кое го подложивте сопствениот народ“.
Демонстрациите во Иран не престануваат од 16 септември, кога Амини почина во притвор на иранската полиција за морал, во кој заврши поради непочитување на строгите правила на облекување на жените, кои вклучуваат обврска да носат хиџаб.
Додека иранските власти инсистираат на тоа дека причината за смртта не е малтретирање, семејството на Махсе Амини вели дека на нејзиното тело имало модринки и други знаци на тепање.