До 16:00 часот во нашата земја се дијагностицирани 6 нови случаи на коронавирус, со што вкупната бројка изнесува 48.
Во Штип за првпат е дијагностициран вирусот кај девојче на 4 годишна возраст, кое се инфицирало во градинка во Англија. Девојчето заедно со мајката е сместено во инфективното одделение, а се проширува епидемиолошката анкета и ќе се земат дополнителни брисеви, материјали на луѓето за кои се смета дека треба да се испитаат.
Во Дебар се дијагностицирани 3 нови случаи, сите се избрани со пошироката индикација – тестирање коешто се прави во рамки на скринингот којшто во тој регион го започнавме пред неколку денови.
Во Скопје е потврден еден случај, лице коешто имало контакт со еден од претходно дијагностицираните случаи во изминатите 2 дена, а мапирано со епидемиолошката анкета на пациентот.
Потврден е случај во Гостивар. Тоа е жена којашто се вратила од Швајцарија. После пристигнувањето, според епидемиолошката анкета била во домашна изолација. Се јавила сама на тестирање и навела дека имала контакт со заболен во Швајцарија. Во овој момент се тестираат 35 лица, за што јавноста ќе биде веднаш информирана по изготвувањето на резултатите.
Сите пациенти се стабилни, со непроменета клиничка слика, како на Клиниката, така и во Дебар. Пациентката којашто е на респираторна машина е со стабилни витални параметри и нема знаци за влошување на состојбата.
Денеска е направена визита кај сите кои се на домашно лекување. Информирани се за тоа како треба да се однесуваат – како за начинот за самоизолацијата, така и за текот на лекувањето, а воспоставена е и нивна директна комуникација со докторите на Инфективната клиника.
*
Министерството за здравство денеска направи план и за ставање во функција на третман на пациенти со коронавирус во Градската општа болница „8 Септември“.
Се работи планот за посебни пунктови во рамки на Здравствениот дом во Скопје, кој треба да стартува веќе од почетокот на наредната недела, а за принципот на функционирање Министерството ќе информира по утврдување на планот.
Во Дебар од утре ќе се упати уште еден пулмолог и уште еден педијатар, поради тоа што таму има луѓе од здравствениот сектор, здравствените работници коишто се носители на вирусот.
Денеска заседаваше и главниот кризен штаб во Владата – се разговараше за повеќе прашања во Дебар. Во текот на утрешниот ден ќе биде доставена дополнителна количина на потрошен материјал.
*
Музичарите од Битола кои се задржани во карантин во Демир Капија најдоцна утре ќе ги имаат резулататите од тестовите, по што ќе бидат пуштени во само-изолација, информира денеска министерот Венко Филипче, кој одговори и на шпекулациите дека единствено тие се задржани во карантин, дека тие се првите од најавената голема група која треба да влезе во земјата.
*
Премиерот Оливер Спасовски во вечерашното гостување на телевизија Телма најави дека ќе има нова мерка за сите оние што ќе ја прекршат самоизолацијата. Подготвени се колективни центри за изолација и секој што ќе ја прекрши самоизолацијата, веднаш ќе биде пренесен во таков центар.
-Капацитетите и на полицијата и на АРМ се ставени во функција комплет. На основа на тоа ќе се подготвува посебен план и реусурсите да ги користиме до максимум. Дека постои проблем со одредени лица во самоизолација, постои. Затоа сега подготуваме една мерка.
Тој потврди дека е запознаен со фактот дека се почесто се откриваат случаи на луѓе кои не се придржуваат до самоизолацијата и карантинот и покрај патролните проверки.
*
Џафери: Со оглед дека е прогласена вонредна состојба, општа е констатацијата дека нема предуслови за одржување избори. Мора да се размисли за можноста за организирање избори во вакви, вонредни услови, за да се обезбеди континуитет на нештата. Тоа е тема за размислување на сите експерти, но експертизата да не се споделува на фејсбук, туку да се организираат електронски форуми, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.
*
Во услови на пораст на проблемите предизвикани од пандемијата на COVID-19, набљудувачите на слободата на изразување и слободата на медиумите за Организацијата на обединетите нации (ООН), Интер-американската комисија за човекови права (АЕКЧП) и Претставникот за слобода на медиумите на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) денес излегоа со заедничко соопштение за јавност.
Во соопштението се вели дека се сериозно загрижени за луѓето насекаде соочени со пандемијата на COVID-19. „Во момент на таква сериозност, целосно ги разбираме и поддржуваме напорите на здравствените работници и владите за развој и имплементација на стратегии за заштита на човечкото здравје и човечкиот живот. Фундаменталното и неотуѓиво право на живот е доведено во прашање, а владите се обврзани да ја осигураат неговата заштита“, порачуваат во соопштението странските експерти Дејвид Кеј, специјален известувач за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување; Арлем Дезир, претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите и Едисон Ланза, специјален известувач на ИАКЧП за слобода на изразување.
*
Владата на Северна Македонија вчера испратила писмо до Европската комисија во кое бара помош за ублажување на кризата, која се очекува да се влоши во наредните денови. Владата изразува задоволство што Европската Унија се мобилизира на солидарен начин и се надева дека истиот пристап ќе може да се присвои и кон земјите кандидати за членство.
Европската Унија е мета на силни критики последниве денови поради тоа што не ги вклучи земјите од Западниот Балкан во мерките за помош.
Северна Македонија може да страда и поради одлуката на некои земји членки на ЕУ да забранат извоз на потребна опрема кон трети земји. Европската комисија ја поддржа оваа мерка на ЕУ и посочи дека третите земји ќе мораат да добиваат посебни дозволи доколку бараат увоз на опрема од земја на Унијата.
Во овој контекст, Владата на Северна Македонија бара од Европската комисија да ја ревидира оваа одлука и да ја отстрани земјата од групата држави за кои се потребни посебни авторизации.
Во Европската комисија неофицијално коментираат дека ситуацијата е тешка и во самата ЕУ, но дека се свесни оти треба да одговорат на потребите за хуманитарна помош и цивилна заштита, тука ЕК го вклучува и прашањето на репатријација на граѓаните на Северна Македонија заглавени надвор од земјата.
*
Девизниот курс на денарот останува стабилен и нема да има промени во неговото ниво, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по одржувањето на седницата на Комитетот за финансиска стабилност.
Таа додаде дека централната банка располага со низа инструменти со кои ја гарантира стабилноста на денарот, а вчера, на прес-конференцијата за економските мерки, напомена дека девизните резерви што се клучни за курсот на домашната валута се одржуваат на високо ниво, што е двојно повисоко од нивото пред глобалната економска криза во 2008 година.
– Заштедите на граѓаните во банките и штедилниците се сигурни и безбедни. Депозитите и сите други услуги што ги нудат овие финансиски институции, и натаму се достапни како и досега, вели гувернерката.
Дијана Тахири
Дневник во 17 часот: