Министерката за труд и социјална политика на Србија денес ја прогласи Северна Македонија за српска територија, официјално најавувајќи го спроведувањето на проектот за вклучување на нашата земја во таканаречениот „српски свет“, објави денес Алијанса за Албанците преку соопштение до јавноста како и на својот Фејсбук профил, каде сподели две, како што велат, скандалозни видеа.
Како што велат од АА, окупацијата на Македонија од страна на Србија беше прославена во Битола и Кајмакале, Битола и Охрид беа прогласени за српски градови, додека српското знаме беше прогласено за „Знаме на единството“.
Од партијата потенцираат дека сето ова се случи во присуство на вицепремиерот Иван Стоилковиќ, што претставува официјално одобрение од Владата на Северна Македонија за сè што се случи и што го кажа српскиот министер. Целата церемонија беше проследена со српска полиција и војници, што симболизира окупација на земјата и го крши Уставот и суверенитетот.
Од АА сметаат дека овој чин ги потврдува сите нивни предупредувања дека Владата на ВМРО-ЗНАМ ја прави Северна Македонија дел од српскиот свет, додека албанските партии од Влен сега го легитимираат и го оправдуваат тоа со конкретни акции.
Овие акции целосно ја менуваат ориентацијата на земјата, од независна држава на сите граѓани, во српска покраина, од европска земја и членка на НАТО, во полигон на Србија и Русија, алармираат од Алијанса за Албанците.
М. Д.