Европската комисија (ЕК) предложи обврзувачко намалување на потрошувачката на електрична енергија во периодите на најголемо оптоварување и пренасочување на екстрапрофитите на енергетските компании кон најранливите граѓани и претприемачи поради огромниот пораст на цените на енергијата, објави Индекс.
Ќе предложиме обврзувачка цел за намалување на потрошувачката во периодот на најголемите оптоварувања и тесно ќе соработуваме со земјите-членки за да го постигнеме тоа, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, презентирајќи предлог-мерки за запирање на вртоглавото поскапување на енергијата.
Според неа, „мерките имаат за цел да им помогнат на најзагрозените граѓани и бизниси. Што и да правиме, ќе мора да заштедиме, но да заштедиме на паметен начин. Електричната енергија потрошена во најоптоварените периоди е најскапа и затоа е потребна стратегија за изедначување на потрошувачката во текот на денот“.
Вториот предлог вклучува ограничување на приходите на компаниите кои произведуваат електрична енергија со ниски трошоци, како што се оние кои добиваат струја од обновливи извори, и пренасочување на екстрапрофитот кон ранливите групи граѓани и бизниси. Идејата е да се воведе ограничување на приходите за компаниите кои произведуваат електрична енергија од фосилни горива. „Компаниите за нафта и гас исто така имаа огромни приходи, затоа предлагаме нивен заеднички придонес“, нагласи Фон дер Лајен.
Земјите-членки треба да ги инвестираат овие приходи во обновливи извори на енергија за да им помогнат на ранливите домаќинства.
Следната мерка предложена од ЕК е поддршка на енергетските компании за да можат да се справат со нестабилноста на пазарот.
Предложените мерки вклучуваат и ограничување на цената на гасот што се увезува од Русија.
Целта е многу јасна, мораме да ги намалиме руските приходи што рускиот претседател Владимир Путин ги користи за финансирање на страшната војна против Украина, истакна Фон дер Лајен.
Европската унија веќе драстично го намали увозот на руски гас. На почетокот на војната против Украина, ЕУ увезуваше 40 отсто гас од Русија, а денес тоа изнесува девет отсто. За предложените мерки ќе разговараат министрите на земјите-членки задолжени за енергетика, кои в петок ќе се состанат на вонреден состанок.