Во директниот пренос на петтото издание на КОЛЕГИУМ – неделна информативна платформа на медиумската платформа на ЦИВИЛ Џабир Дерала и Драган Мишев зборуваа за црниот јубилеј од 1000 денови руска агресија и за хероизмот на Украина во борбата за слобода.
Редакцијата накратко го пренесе и соопштението на ЦИВИЛ со наслов „1000 денови руска агресија, 1000 денови Украински Хероизам“.
Во текот на редакцискиот КОЛЕГИУМ во живо, пристигна и веста за назначувањето на поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО Алијансата.
Понатаму, Дехран Муратов остро коментираше за скандалозниот недостаток на автобуси во текот на минатиот викенд, но и за очигледната дискриминација што се спроведува во однос на одредени заедници, токму преку распоредувањето на јавните превозни средства. Тимот на ЦИВИЛ најави дека во иднина ќе излезе со оценка на состојбата на човековите права во контекст на дискриминацијата во оваа област, кој ќе биде споделен со македонската и меѓународната јавност и институции.
Муратов направи и паралела меѓу медиумското внимание што го доби криминалецот Штекли, во контраст со инцидентот во кој 18-годишно момче е претепано и прободено со нож.
Биљана Јордановска зборуваше за самитот за климатски промени во Баку, по што се разви кратка дискусија за тоа дека сите знаат да држат говори, но малку што прават за климатските промени и заштитата на животната средина. Беше споделена и информацијата дека на маргините на самитот во Баку, македонската претседателка Давкова се задржала во едночасовна средба со бугарскиот претседател Радев, по што следеше ироничната забелешка дека глобалното затоплување може да има и позитивен ефект, ако се работи за односите меѓу двете земји.
Зоран Иванов се осврна на политичките настани во текот на изминатата недела, со посебен осврт од опасноста од национализмот што е во пораст и кој допрва може да се разгори по почетокот на разгледување на иницијативите за преиспитување на уставноста на Законот за јазици.
Иванов предложи дека сите тие иницијативи треба да се објаснат подетално за јавноста да биде запознаена за што точно се работи, за да не стане жртва на манипулации.
Тимот најави и интервјуа со директорот на Институтот за геополитика, економија и безбедност од Сараево, Аднан Капо и со поранешниот претседател, Стево Пендаровски.
Исто така, КОЛЕГИУМОТ најави и следни чекори во организирањето на големата меѓународна конференција на ЦИВИЛ „Одбрана на демократијата и човековите права“ на 12 декември, како и одбележувањето на 25-годишницата на ЦИВИЛ.
И тоа не е сè.
Погледнете го видеото.
Реализација: А. Мехмети