ЦИВИЛ во живо со Џабир Дерала, видео прилог во кој ќе слушнете малку повеќе за европските вредности и еднаквоста, недискриминацијата и мултикултурализмот како модерни цивилизациски вредности кои се промовираат, негуваат и штитат во современиот демократски свет каде што, во основата на правото, политиките и практиките се човековите права и слободи.
„Еднаквоста, недискриминацијата и мултикултурализмот се во основата на европските вредности. Кога ќе кажеме европски вредности, не подразбираме вредности на Европската Унија, односно не само вредности на Европската Унија. Тоа се вредности на сите граѓанки и граѓани на Европа, на сите европски држави. Во поширок контекст, тоа се и модерни цивилизациски вредности кои се промовираат, негуваат и штитат во современиот демократски свет каде што, во основата на правото, политиките и практиките се човековите права и слободи.
Кога говориме за европски вредности, тоа не подразбира само политичка волја за нивно негување, унапредување и заштита, туку нивно разбирање и спремност да се заштитат и по цена на политичкиот рејтинг. Во негувањето на европските вредности, во прв ред, еднаквоста, недискриминацијата и мултикултурализмот, а со тоа и целиот корпус на човековите права и слободи, неодминлива е позицијата и улогата на граѓанското општество, на институциите на локално и национално ниво, на интелектуалците и уметниците, на сите граѓанки и граѓани во земјата. И не е доволно да се каже дека различностите се почитуваат и дека луѓето се еднакви според Уставот и законите.
Еднаквоста, недискриминацијата и мултикултурализмот мора да се разберат до најситните детали и суптилитете, а потоа сето тоа и да се обезбеди. Секој ден, секоја минута, со сета комплексност на животот и односите меѓу поединците, групите, заедниците, граѓанките и граѓаните кон институциите итн. И притоа, внимателно да се следат трендовите и развојот на општествените односи, во теоријата и во праксата. Затоа, сево ова, не е едноставно, не е лесно и бара многу инвестиција во смисла на време, експертиза, човечки ресурси и буџет“.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети