„Викендот на гордоста“ оваа година во Скопје се организира по петти пат, а како носечка идеја ги имаа Транс-формациите. „Со оваа идеја сакаме да го отвориме прашањата за различните општествени и културни норми со кои се врамува човековата телесност, особено преку оските на родот и на сексуалноста. Уште позначајно, сакаме да ги претставиме и да експериментираме и со можностите за отпор и лизгање од нормативните решетки, токму преку самата телесност“, велат организаторите.
Серијата настани е предвидено да започнe во четврток, на 22 јуни, со изложба на светски реномираниот уметник Касилс (САД/КАН), во 20.30 часот во Мала Станица – Национална галерија на Република Македонија.
Целта на овогодишниот „Викенд на гордоста“ е да „се креира простор за ненормативни форми на социјални светови, односно релации, идентитетски позиции, и телесни стилови, кои во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, изродени, ненормални, неуспешни, патолошки, чудни…“
Фестивалот се затвора на 25 јуни (недела) со дрег кабаре на белградскиот колектив „Ефемерни исповеди” во „Кино Култура“.
Организатори на настанот се Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници”, ЛГБТИ – Центар за поддршка при Хелсиншкиот комитет и ЛГБТ Јунајтед – Тетово.