Реакција на вандализмот на неколкумината радикали пред конзулатот на Република Северна Македонија во Мелбурн, кога беа запалени макети на премиерот Заев и министерката за одбрана Шекеринска, како и знамињата на ЕУ и Бугарија, пристигна и од Владата:
„Владата на Република Северна Македонија најостро го осудува вандалското и недолично однесување на мала група пред конзулатот на Република Северна Македонија во Мелбурн. Ваквите дејствија го нарушуваат имиџот на земјата, на македонскиот народ и на граѓаните на Северна Македонија во очите на демократската јавност“ – соопштува Владата.
„Говорот на омраза е одлика на едно минато и напуштено време на кое мнозинството од граѓаните во земјава и дијаспората се спротиставија и кое е неприфатливо за домашните и глобалните демократски стандарди. Говорот на омраза поттикнува насилство, а сите кои потпалуваат нетрпение и конфликти треба да одговараат пред надлежните институции“ – се вели понатаму во соопштението.
Дека палењето знамиња на држави и макети од луѓе не е одлика на патриотизам, се констатира и во соопштението на Владата:
„Палењето знамиња на држави и макети од премиерот Зоран Заев и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, не се никаква одлика на патриотизам, ниту, пак, се слика за нашата дијаспора. Овие срамни изолирани дејствија нема да наштетат на гордоста да се биде Македонец или граѓанин на нашата земја, дома или надвор од границите на Република Северна Македонија.“