ЦИВИЛ Медиа се обрати до Владата со прашања поврзани со најновиот развој на настаните поврзани со македонските евроинтеграциски процеси, особено по бранот лажни вести што ги лиферуваат дел од политичарите на опозицијата и медиумите блиски до нив.
Во Владата се категорични: „Ниту една држава не изразила сомнеж дека РСМ ги исполнила сите задачи. Холандија изразила очекување да се донесе Законот за Јавното обвинителство, но без негативен став и со согласност за почеток на преговорите годинава.“
Кој се бореше најмногу за нас? – беше следното прашање во комуникацијата со претставниците од Владата.
„Најмногу за нас се бореа: Грција, Австрија, Словенија, Словачка, Луксембург, Унгарија, Романија, Малта, Балтичките држави и еврокомесарот Јоханес Хан. Бугарија крајно позитивно, Франција воздржана, со барање на повеќе време за одлука што ќе се однесува на двете држави, Северна Македонија и Албанија. Грција, Австрија, Словенија и Унгарија жестоко позитивно за нас. На крајот, заклучокот е донесен со консензус, сите се ЗА позитивна одлука во октомври и почеток на преговорите до крајот на годината“ – брифираат од Владата.
И тоа не е сѐ.
„Сите држави се согласија да го дополнат заклучокот со посебно признание за Преспа и за Договорот со Бугарија. Сите ги поздравија и потврдија резултатите од реформите. Сите се обврзаа да се донесе јасна и суштинска одлука во октомври. Сите во своите излагања ги поздравија реформите кај нас, а одлуката за двете држави ќе се донесе во октомври“ – се поентира во брифингот од Владата.
Џ. Д.