Владата го нарушува правичното претставување во општините со намалување на бројот на советници, спротивно на законот и Уставот, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми.
-Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради инсистирањето на Владата да ја спроведе одлуката донесена во септември 2024 година за намалување на бројот на општински советници – одлука која е спротивна на Уставот, Законот за локална самоуправа и одлуката на Уставниот суд. Оваа одлука, испратена до Државната изборна комисија, го прекршува член 34 од Законот за локална самоуправа, кој јасно предвидува дека бројот на советници во секоја општина треба да се пресметува единствено врз основа на бројот на жители, без правење разлика помеѓу резиденти и нерезиденти – стандард кој отсекогаш важел. Уставниот суд, со одлука бр. У.бр. 251/2024 од 25 јуни 2025 година, ја поништи правната основа врз која се темелеше оваа владина одлука, нагласувајќи јасно дека нерезидентните граѓани не можат да бидат исклучени и дека секој обид за тоа е спротивен на Уставот и на правото на еднакво претставување. И последниот обид да се донесе нов Закон за локална самоуправа, со кој ќе се легитимираше оваа одлука, пропадна поради немање двојно мнозинство, оставајќи го во целост во сила постојниот закон, рече Адеми.
Тој смета дека Владата постапила спротивно на законот и на одлуката на Уставниот суд, само, како што рече, за да не ја прикаже реалноста дека албанската популација во земјава е 29,5 проценти според резултатите од спроведениот попис од 2021 година, туку 24,3 проценти што, според него, вештачки се обидува да ја претстави, пренесе МИА.