Членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски и Дејан Митески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, се уапсени од чисто политички мотиви, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Димовски ја објавил аферата за градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, додека Митески ѝ нанел тежок пораз на власта на последните избори во Аеродом.
„Обвинителството на Зоран Заев вчера од чисто политички мотиви ги уапси Димитар Димовски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја објави аферата за насилникот Курто Дудуш и Дејан Митески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, кој и нанесе тежок пораз на власта во оваа скопска општина. Со политичкиот прогон врз Димовски, Митевски, Јанакиески и останатите, Зоран Заев не може да го покрие разочарувањето и катастрофата која секојдневно им ја приредува на граѓаните“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека Димитар и Дејан се уапсени и малтретирани затоа што не и се плашат на власта, затоа што јавно ги обелоденуваат криминалите на СДСМ.
„Криминалната влада на Зоран Заев мисли дека со монтирани случаи ќе ја дефокусира јавноста од вистинските проблеми, како криминалот, рекетот, непотизмот, корупцијата, урнисаното образование, неуспесите во земјоделието и сите катастрофи кои ги причини оваа власт. Заплашувањата нема да успеат. Граѓаните одамна препознаа дека со СДСМ државата не може да оди напред. Во услови на вистински режим 25 отсто од граѓаните го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 23.1 остсо за СДСМ. Поддршката на сметка на ВМРО-ДПМНЕ само ќе расте и СДСМ тоа го знае. Доаѓа денот за одговорност, Заев и сите негови пулени на функции ќе треба да се соочат со правдата“, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера беа уапсени десетмина граѓани по налог на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Поголем број од нив се вработени во Министерството за транспорт и врски. Тие од ОЈО се обвинети за злоупотреба на службена положба и овластување.
Јавноста се навикна на вокабуларот на ВМРО-ДПМНЕ, односно кога некој член на партијата ќе биде обвинет или уапсен за злоупотреба на службена положба и овластување, како и обично, се обидуваат да го претстават функционирањето на правната држава како политички прогон, што се совпаѓа со вокабуларот на нивниот почесен претседател, Никола Груевски.
Д.М.