Социјалната тематика и проблематика ќе се решаваат тековно, а општината ќе обезбеди социјални домови за најгорливите случаи. Проблемот со паркирањето ќе се реши со катни гаражи, а влезот на градот со соодветно сообраќајно решение. Прво и приоритетно за идниот градоначалник е нови инвестиции и нови работни места, се дел од ветувањата и заложбите на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за прв човек на Крушево, Билјана Проеска.
На денешното претставување што беше пренесувано во живо и на ФБ страницата на партијата, таа уште на самиот почеток упати серија критики на адреса на политичкиот опонент.
„После четиригодишното мизантропско владеење на СДСМ и Томе Христоски, општина Крушево добива шанса за градоначалник, докажан во своите позитивни комуникациски и хумани односи со своите сограѓаните. Градоначалникот Томе, во дадениот мандат не успеа да реализирана ниту започни, ниеден од петте носечки проекти од предизборната програма“, истакна Проевска на почеток од обраќањето.
Според Проеска, на Крушево му требаат фабрики и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи според неа, како и претходно што донесе фабрики, така и во наредните четири години ќе работи во интерес на отворање нови работни места.
„Ќе ставиме крај на високото ниво на криминал и работа врз принципот на закани и уцени, ќе работиме во интерес на граѓаните и нивните потреби и Крушево повторно ќе биде лулка на спокојот и достоинството и нема да се дозволи поделба на населението и граѓаните по било која основа“, рече, меѓу другото, кандидатката за градоначалничка на Крушево, Проеска.