Во Брисел денеска ќе почне дводневен самит на шефови на држави и влади на ЕУ. Европскиот совет ќе расправа за пошироката Европа, Западен Балкан, Украина, апликациите за членство во ЕУ од Украина, Република Молдавија и Грузија, економските прашања, Конференцијата за иднината на Европа и надворешните односи, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Европскиот совет
Пред состанокот на Европскиот совет, лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе се сретнат претпладне на 23 јуни во Брисел, ќе разговараат за перспективите за европска интеграција во регионот.
Европскиот совет ќе одржи стратешка дискусија за односите на ЕУ со нејзините партнери во Европа, вклучително и за тоа како да се поттикне политичкиот дијалог и да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
Во документот се наведува дека лидерите на ЕУ ќе разговараат за најновите случувања во врска со војната на Русија против Украина, вклучително и нејзиното влијание врз глобалната криза за безбедност на храната. Тие, исто така, ќе разговараат за континуираната поддршка од ЕУ за Украина, која опфаќа економска, воена, политичка и хуманитарна поддршка.
Европскиот совет ќе расправа за апликациите за членство од Украина, Молдавија и Грузија како посебно прашање. Во соопштението се потсетува дека Украина поднесе барање за членство во ЕУ на 28 февруари 2022 година. Грузија и Молдавија аплицираа за членство во ЕУ на 3 март 2022 година. Европската комисија го објави своето мислење за апликациите на земјите на 17 јуни 2022 година.
Д.Мишев