Вечерва, на прес конференција, претседателот на Државната изборна комисија , Александар Даштевски, соопшти дека oд досега обработените податоци, во првиот круг 34 општини добија градоначалници. Во 22 општини, новите градоначалници се кандидати од ВМРО-ДПМНЕ, во девет општини победиле кандидатите на СДСМ,додека во три општини најмногу гласови освоиле кандидатите на ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници во Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и во Штип.
Кандидатите на СДСМ се избрани во Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Дојран, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево и во Струмица.
ДУИ освоија градоначалници во Липково, Пласница, Сарај уште во првиот круг.
Во вториот круг кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ ќе се соочат во Град Скопје, како и во општините Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Капија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Центар и во Чешиново-Облешево.
Кандидатите на ДУИ и СДСМ ќе се соочат во Арачиново, Долнени и Чашка .
Во Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Дебар, Струга, Теарце и во Чаир во вториот круг одат кандидатите на ДУИ и Алијанса за Албанците/Алтернатива.
Во Брвеница и Македонски Брод во вториот круг одат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и еден независен кандидат, а во Дебарца, Чучер Сандево и Куманово СДСМ и независен.
Кандидатите на ДУИ и Беса ќе се соочат во Тетово и во Желино.
Во Карпош ќе се соочат кандидатите на СДСМ и на ГРОМ, во Шуто Оризари СДСМ и кандидатот на ЛДП/ДОМ, во Старо Нагоричане СДСМ и ТМРО, во Студеничани ДУИ и ДПА, а во Кичево во вториот круг одат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Во две општини, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради неисполнување на законскиот услов на 1/3 од запишаните гласачи да излезат на гласање, ќе се повтори целата изборна постапка по член 132 став 2 од Изборниот Законик, соопшти Даштевски.
Тој информираше и дека досега до ДИК не се пристигнати приговори.












