Во тек е панелот на ЦИВИЛ „Безбедноста и реформите во полицијата: Поблиску до граѓанките и граѓаните“.
На панел дискусијата учествуваат Снежана Петровиќ Арсовска, Жаклина Просароска и Тони Станковски од МВР и Александар Србиновски од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.
Министерот за Внатрешни работи, Оливер Спасовски на панелот се осврна на концептот „Полицијата во служба на граѓаните“.
“Кога го воспоставивме концептот „Полицијата во служба на граѓаните“, како раководство на МВР тргнавме од премисата дека продлабочувањето на партнерството помеѓу граѓаните и полициските службеници, ќе произведува поефективни резултати за безбедноста и сигурноста, во одржувањето на јавниот ред и мир, и во заштитата на материјалните добра. А тоа, најнапред се претпоставуваше да се извршат коренити и системски реформи во полицијата, кои би го зголемиле нејзиниот кредибилитет кај граѓаните. На стратешко ниво реформата на безбедносниот систем, не беше прашање на избор, туку прашање на опстанок, силно изразена волја на сите општествени чинители, на јавноста, на граѓаните, конечно да се воспостават норми и концепт коишто ќе бидат и гаранција за заштитата на човековите права и слободи, но истовремено и силна брана против секакви тенденции на корумпирање на безбедноста, и против нејзино ставање во функција на злоупотребата и незаконитото работење.“, посочи меѓу другото Спасовски.
Снежана Петровиќ Арсовска, началничка на Сектор за правни работи во МВР
Реформите во полицијата се еден долг процес за којшто на почетокот треба да имате едно видување каде сме и кој е нашата визија и цели, кои се стандардите и потребите што треба да ги постигнеме и до каде треба да дојдеме за да со задоволство можеме да кажеме дека тој процес пред сè не значи менување на нешто што постои, туку негово подобрување
Арсовска нагласи дека за прв пат во Законот за внатрешни работи се предвидува полагање на тест за интегритет на кандидатите за вработување во Министерството што е различно од тестот за професионален интегритет на работниците што работат во МВР.
Тестот за интегритет е класично теститрање од струлни лица за да се види профилот на лицето што сака да се вработи во полицијата, кои се гаранциите за неговото однесување во иднина, а тестот за професионален интегритет не се доживува како нешто што секј работник треба да го помине како класично тестирање, туку, напротив добрите пракси и препораките покажаа дека тоа се симулирани ситуации кои се во врска со задачите и обврските на моето работно место, каде што работникот не знае дека всушност е предмет на тестирање на неговиот професионален интегритет, додаде Петровиќ Арсовска
Жаклина Просароска од МВР се осврна на потребата на реформите во полицијата, во однос на промените во различни домени во општеството.
„Панелот го отвораме на едно оперативно ниво, затоа што кога зборуваме за полиција, мора да се има предвид пред се сложеноста кои ги има полициската организација, големиот број надлежности кои ги има полицијата, мандатот на полицијата на државата, односно, мандатот да употреби легитимна присилба во рамките на дозволените законски овластувања, а притоа да биде еден од основните гаранти за заштита на човековите права и слободи на граѓаните, или ако сакате да го обезбеди амбиентот за практикување на човековите права и слободи. Така поставен балансот на реформи, секогаш го има во предвид тоа што значи полициска професија, постојано ставена на линија помеѓу тоа што е прифатливо и неприфатливо, што е осудувано од граѓаните, а што е очекувано од постапката на полицијата, и кога се прават реформите, веројатно треба да се има предвид и целата комплексност на полициската организација.
Гледано од аспект на полициски службеник и полициски советник, којшто ги поставува прашањата на едно малку по стратешко ниво, јас велам дека реформите во полицијата ги детерминира потребата за промена на методологија на работа, којашто произлегува од промената на законските регулативи, промената на националното законодавство и потребата методологијата да се адаптира на современите потреби. Појавата на нови појавни облици на криминалитет, етиологијата и феноменологијата на криминалитетот којшто постојано се менува, и којшто ги надминува границите на тоа дека на една годишна основа, Министерството ги поставува истите приоритети. Не, приоритетите се менуваат во зависност од промените што се случуваат во појавните форми на криминалитет, демографските карактеристики на населението, миграциите коишто се случуваат, исто така предизвикуваат потреба од менување на полицијата од аспект на организација…“, вели Просароска.
Александар Србиновски од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал
Отвореноста кон медиумите и кон јавноста на полицијата е од круцијално значење… Однесувањето кон медиумите е подобрено од некои минати несакани периоди и времиња, бидејќи како една полиција се однесува и контактира со медиумите, како партнери со невладините организации, практично, всушност, се цени нејзиниот демократски капацитет. Свесен сум дека до сега јавноста во суштина не беше навикната на еден транспарентен пристап кон медиумите. Но, морам да додадам дека и во едни вакви промени секогаш механизмот не е најефикасен иако се подобрува. Еднаквиот пристап до информации е многу битен како од новинарска гледна точка, така и од организации што се занимаваат со превенција и активности што превенираат организиран криминал, затоа што тие се битни за градење на демократичноста на едно општество. Затоа го подржувам процесот на реформи во полицијата
„Голем дел од медиумите не ја разбираат потребата на полицијата во голем дел да изврши заштита на информациите што се публикуваат во јавноста, бидејќи не секој во медиумите знае дека постојат одредени класифицирани информации со одреден степен на доверливост поради законски причини не се достапни до медиумите, но не смее тоа да биде и изговор за целосно да се врши чување на овие информации како доверливи и притоа да се злоупотреби просторот на одредени полициски тела којшто по линија на помал отпор би избегнале да ја презентираат својата работа во јавност“, додаде Србиновски.