• Latest

Во име и согласно со волјата на народот

August 21, 2023

Јазот меѓу проевропската фасада и националистичката реторика на власта

June 7, 2026

Хроника на недовршените процеси, скандалите и ерозијата: Анализи и истражувања што не застаруваат

June 7, 2026
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Партизаните, идентитетот и ЕУ

June 7, 2026

ТЕЦ Неготино, мазутот и обвиненијата: Што велат официјалните податоци?

June 6, 2026

Путиновата споредба на Зеленски со Рамбо е признание на немоќ и страв

June 6, 2026

Кабинетот на Мицкоски молчи за транзитот на советски ракетни системи вредни 11 милиони евра од Словачка до Уганда во 2025 година

June 5, 2026

Лудачкиот одговор на Путин по отвореното писмо од Зеленски

June 5, 2026
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, 8 мај 2026 (фото извор: Кабинет на Претседателот на Украина)

ДРАМАТИЧЕН ДИПЛОМАТСКИ ПОТЕГ: Зеленски упати ултиматум и мировна понуда до Путин

June 5, 2026

На кои листи ќе нѐ има?

June 4, 2026
Фото: Zakie Andiko Ramadhani / vecteezy.com

Кој ќе ја плати цената за истрагата „Мазут“: Осомничените една година под мерки, без утврден криминал

June 4, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Во име и согласно со волјата на народот

August 21, 2023 10:19
in ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА
Share on FacebookShare on Twitter

ТОНИ ПОПОВСКИ

Во политичката игра на тези и контратези за (не)оправданоста на уставните измени можеби најделикатно и само по себе најризично е повикувањето на волјата на „народот“.

Опозицијата бара „власта да се соочи со фактот дека над 80 проценти од народот (македонскиот) е против уставни измени под бугарски диктат“, а власта ја потсетува опозицијата дека „сите истражувања покажуваат дека над 80 отсто од граѓаните на државата, без разлика на нивната припадност, сакаат да живеат во ЕУ“. Овој поларизирачки и нагласено емоционален „дијалог“ на најголемите партии најдобро потврдува колку е конфузна и на свој начин шизофрена моменталната состојба во општеството, најдиректно придонесувајќи за своевидна парализа во носењето на неопходни стратешки одлуки.

Како да се надмине оваа состојба, а притоа да нема политички победници и поразени? Можеби решенијата треба да се побараат во закономерностите на социјалната психологија или популарно позната како психологија на однесувањето на луѓето, а притоа да се прогласи  мораториум на нивна злоупотреба.

Една од закономерностите е дека рационалното наспроти емотивното секогаш губи доколку политичката класа, медиумите и експертската јавност или нивни влијателни сегменти, свесно поради лични или групни мотиви или несвесно апстинираат од рационализирање на стварноста. Во таа смисла, сите чинители треба јавно да дебатираат не само за стравувањата од развојот на настаните и како тие би се адресирале доколку се донесе одлуката за уставните измени, туку можеби првенствено за начинот на управување со ризиците и за можните последици од одлука да не изгласаат уставните измени.

Секако, политичките партии се субјективни во дебатата па оттаму и потребата од колку е можно понезависни и сеопфатни анализи на придобивките и ризиците, рамноправно и фер дистрибуирани преку највлијателните медиуми. Подобро порано отколку предоцна, имајќи предвид дека во природата на луѓето е да носат првенствено емоционални одлуки, врз основа на информации со кои во одреден момент располагаат, а тие како и дебатата за нив се ограничени во моментов. Исто така, кога луѓето се збунети, најчесто тие се имитираат едни со други. Безмалку аритметички прогресивно, популарното иако недоволно информирано станува уште понародно – попопуларно. Овој природен рефлекс, науката го дефинира како начело на општествен доказ. Во недостаток на целосни информации и квалитетна – културно водена дебата, носиме заклучок за нешто дека е исправно доколку и некој друг тоа го наоѓа за исправно. Ние (народот) е споделеното „јас“.  Кога сме несигурни, несвесно сме подготвени да инвестираме доверба во колективното. Кога веќе сме го сториле тоа настапува друг предизвик, тешко менуваме одлука па дури и соочени со јасни и рационални аргументи. Мал број луѓе признаваат погрешна проценка, а големо мнозинство сосема рефлексно се конзистентни на првата одлука, особено ако е емоционална.

Чесно е да се доаргументира овој предлог за мораториум на злоупотреба на емоции и наведување на народот кон избрзан заклучок без соодветна дебата, барем со неколку поучни примери. Првиот е Брегзит како  одлука на британскиот народ, донесена согласно со волјата на 52 проценти од Британците кои гласаа на референдумот во 2016 година. Седум години потоа, според низа анкети во Обединетото Кралство, волјата на близу 70 отсто од британскиот народ е за враќање во ЕУ. Конзистентно на британскиот хумор, главниот политички промотор на Брегзит – политичарот Најџел Фараж, веќе подолго време е изложен на критики и потсмев поради страста и посветеноста на кампањата, за да во сопствена одбрана деновиве се закани дека ќе емигрира од оваа Англија –  која тој непосредно придонесе вака да изгледа. Сепак, Обединетото Кралство има доволно ресурси на располагање за ефективно управување со ризици од таа на времето популарна а сега непопуларна одлука и да ги држи последиците од одлуката колку – толку под сопствена контрола. Такви ресурси ние немаме и дотолку повеќе, треба да сме крајно внимателни какви одлуки носиме.

Поврзано со волјата на народот има низа примери на европска почва, ако тргнеме од сега па хронолошки не многу одамна наназад, а кои придонесуваат или придонеле за огромни последици. Руската Федерација предводена од Путин, изврши агресија врз Украина, а при носење на таа одлука се вкалкулира големата популарност на лидерот кај рускиот народ. Бројот на загинати од оваа војна на двете страни, деновиве надмина половина милион лица.  На сличен начин, Слободан Милошевиќ, со огромна политичка поддршка од српскиот народ започна воена кампања која придонесе за деконструкција на југословенската федерација низ големо крвопролевање, на кое рефлексно му се придружија национал – популисти од другите засегнати етнички заедници. Последиците од овие случувања на Западниот Балкан се провлекуваат до денес.  Не смееме да ги забораваме и последиците од големата популарност на Адолф Хитлер и Бенито Мусолини кај германскиот и италијанскиот народ, респективно, но и популарноста на Јосиф Сталин во чија сенка но и потоа беа изнедрени комунистички диктатори позади железната завеса.

Впрочем и одлуката за вето на нашиот интеграциски пат беше поддржана во соседна Бугарија со близу 80 проценти од анкетираните граѓани, наспроти идентичниот процент за брзо интегрирање во ЕУ, пред 2019 – та година. На оваа драстична промена на расположението свесно и умешно допринесе политичката класа и медиумите во Бугарија. Последиците ги гледаме.

Во прилог на потребата од свесност за тенденциозна злоупотреба на закономерности поврзани со емотивното однесување на луѓето пишува и Роберт Чиалдини, американски психолог и професор на Државниот универзитет во Аризона, како и на приватниот универзитет Стенфорд во Калифорнија. Во својот реиздаван бестселер „Влијание  – Психологија на убедување“ Чалдини потенцира дека 95 проценти од луѓето се всушност имитатори, а само 5% се иноватори, и дека луѓето градат убедување повеќе врз основа на активности и одлуки на други луѓе отколку врз основа на било каков рационален доказ. Кога набљудуваме дека многумина прават нешто тоа не значи само дека се работи за „добра“ идеја туку дека и ние може тоа да го правиме. Се чувствуваме повеќе општествено прифатени ако сме дел од многумина, од „народот“.  Мотивирани од општествено прифаќање и тоа најмногу поради природен нагон да избегнеме општествено отфрлање, ги отфрламе сите оние кои не се согласуваат со нас, ги сметаме за аутсајдери. Кога сме информирани дека само малцинството спроведува одредена активност, се двоумиме дали таа активност или став е полезна за нас. Овој психолошки феномен, Чиалдини го нарекува возење на автопилот, но истовремено посочува и на последици поради можноста информацијата во контролниот панел на автопилотот да е погрешна.

Овие закономерности кои ги изведува психологијата на однесувањето на луѓето не ретко се злоупотребувааат во политиката на начин што се фалсификува општествениот (заеднички – народен) доказ.

Ако се поведеме по неточни и тенденциозни гласини и се залетаме сите  – наеднаш да повлекуваме заштеди од некоја банка, банката неминовно ќе банкротира. Се работи за масовна психологија. Така е и со државата. Ако се залетаме да го повлечеме нашиот и евро-атлантскиот влог во градење на Македонија како европска држава, има голем ризик државата да ја растуриме.  Дали македонскиот народ кој е квантитативно еден од најмалите народи глобално кои имаат своја држава, ќе го има луксузот под овие геополитички околности да реобликува сопствена нова – поинаква држава која повеќе емоционално би не исполнила, односно би се чувствувале подостоинствено, и кои се поврзаните ризици ако тоа не се направи, а притоа се деконструира ова што имаме, е релевантно прашање кое заслужува одговор од сите чинители, а особено од македонската опозиција.

Ставовите се на Авторот. Преземено од Рацин
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ