Министерството за локална самоуправа ја спроведува Програмата на Владата во делот на локалната самоуправа и рамномерниот регионален развој. Двете политики имаат огромно влијание на квалитетот на живеење на сите граѓани, рече ресорниот министер Горан Милевски на денешната годишна конференција „Децентрализација 2.0: Ефективни механизми за граѓанско учество“ која се одржа во Штип.
На дебатата учествуваа експерти, градоначалници, претставници на невалидни организации, а се пренесуваше преку платформата на zoom.
– Во текот на креирање на двата клучни документи, новата Стратегија за регионален развој која што е во Собраниска процедура и новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација која што влегува во владина процедура, министерството организираше широк консултативен процес. Документите се подготвени со учество на претставници на сите релевантни институции и на граѓанскиот сектор, рече Милевски.
Според него, и во новата Програма се поттикнува владината определба за продолжување на процесот на децентрализација, зајакнување на финансиската стабилност и самостојност на општините, пристап на сите граѓани до подобри јавни услуги, како и подобрување на транспарентноста и отчетноста на локално ниво.
– Сите овие заложби нема да може да се реализираат без активно вклучување на граѓаните во процесите на креирање на локалните политики и во одлучувањето. Од голема помош е и експертизата на граѓанскиот сектор, преку вакви проекти поддржани од донаторската заедница, конкретно од УСАИД. Граѓаните ги имаат своите претставници во советите на општините, но потребно е да се обезбедат и механизми кои што ќе овозможат директно вклучување на граѓаните во креирањето на локалните услуги, при планирањето на буџетот на општината, во урбанистичкото планирање, во младинските политики и за сите други важни прашања. Локалната самоуправа како облик на управување во својата суштина постои само заради граѓаните и може успешно да функционира единствено со нивно директно вклучување, на институционален и на транспарентен начин, дополни Милевски.