Во Србија има до 100.000 тони опасен отпад на 80 до 90 локации, беше истакнато денеска на 5-тиот Меѓународен форум МИТЕКО посветен на циркуларната економија под мотото „Денес одговорно. Утре одржливо”.Претседателот на МИТЕКО, која е една од првите и водечки компании во Србија и регионот што се занимава со управување со индустриски и опасен отпад, Миодраг Митровиќ изјави дека не е познато колкаво количество опасен отпад постои, бидејќи станува збор воглавно за пропаднати претпријатија за кои никој не води сметка.
„Според нашите податоци, во Србија има меѓу 80 и 90 локации. На секоја локација проценуваме 500 до 1.000 тони опасен отпад. Не е познато колку почвата е контаминирана и сѐ уште има потреба да се тестира“ – изјави Митровиќ.
Според него, ако има приближно 100 локации со потенцијални 1.000 тони, тогаш во Србија најверојатно има 100.000 тони опасен отпад.
„Уште е поопасно ако сакаме да го промовираме земјоделството. Прво, мораме да ја исчистиме земјата од хемикалии. Исто така, загадувањето од осиромашен ураниум од бомбардирањето сега е помало од загадувањето со хемикалии кои отидоа во поплавите (претходните години) и разни протекувања“ – предупреди Митровиќ.
Тој наведе дека решавањето на овој отпад е долгорочна задача и дека на Министерството за заштита на животната средина му треба околу милијарда динари (околу 8,4 милиони евра) од својот буџет да издвои за решавање на овој „историски отпад”.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.