Утре (вторник, 14 февруари), во хотелот Парк Резиденс (зад Арената Телеком – Градскиот стадион), со почеток во 12.30 часот, во организација на Фондацијата „Хајнрих Бел“, Канцеларија во Сараево и ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе се одржи презентација и панел дискусија на тема „Стеснување на просторот за дејствување на граѓанското општество“.
Станува збор за претставување на публикацијата „Shrinking Spaces in the Western Balkans“, во издание на Фондацијата „Хајнрих Бел“, во која се говори за глобалниот феномен на стеснување на просторот за дејствување на актерите на граѓанското општество кое зема замав и во нашиот регион.
„Заробено општество“, „Окупација на јавниот простор“,„Јавниот простор ни припаѓа нам“, „Популизмот и криминалот како модел на македонскиот политички систем“, „Босански блуз: култура, притисок, задушување“, „Медиумите и јавниот простор во демократијата“, се дел од насловите на темите на кои се осврнуваат 16 авторки и автори, познати новинари, активисти и академски работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Хрватска.
Овој извонреден труд, ќе го промовира Марион Краске, директорка на сараевската канцеларија на Фоданцијата „Хајнрих Бел“.
Веднаш по презентацијата, ќе се одржи и панел-дискусија со професорот Нано Ружин, Никола Наумоски, Славчо Димитров и Џабир Дерала.
„Невладиниот сектор во Македонија е мета на закани на владејачките структури, преку низа рестриктивни процеси. Подолго време, граѓанските организации вулгарно се сатанизираат, како да се дел од заговор за уништување на државата. За голем број организации на граѓанското општество, како и против активисти, новинари и интелектуалци се водат кампањи и се спроведуваат истраги од инспекциски и полициски органи. Говорот на омраза и отворените повици за егзекуција се присутни во јавноста веќе со години, а се интензивираа по изборите одржани на 11 декември 2016 година“, стои меѓу другото во соопштението на ЦИВИЛ-Центар за слобода.
Хаштаг на настанот е #ShrinkingSpaces.