Врховниот суд на Република Македонија практично го поништи новиот распоред на судиите во скопскиот Кривичен суд, прифаќајки седум од осумте приговори на судиите кои не беа задоволни од oдлуката на в.д. претседателката Татјана Михајлова за нивно преместување
На вчерашната седница, која беше затворена за јавноста, врховните судии требаше да одлучуваат и за приговорите по нивниот нов распоред, но одлучувањето се одложи за понеделник. Во понеделник ќе се одлучува и за тоа кој судија ќе го води предметот за вонредното оценување на Судскиот совет за избор на нов „шеф“ на Врховниот суд, предмет во кој се жали судијката Лидија Нелкова.
Осуммина од прераспоредените судии обвинуваа дека зад ваквиот нов распоред стои поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски, зашто се работи токму за оние судии кои јавно го критикуваа неговиот начин на работа, како и судии кои претходно одобриле барања на СЈО!
По обвинувањата, Кривичниот суд излезе со соопштение дека измените во распоредот на судиите се законски и правно издржани, како и дека немаат никаква политичка заднина, но вчерашната одлука на Врховниот суд ги разобличи ваквите аргументи.