Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, тврди дека потсекретарот на Соединетите Американски Држави (САД) за економски раст, енергетика и животна средина, Хозе Фернандез, му потврдил дека земјата ќе воведе директни санкции за нафтената индустрија на Србија. (НИС).
„Потсекретарот Хозе Фернандез и претседателот на Србија Александар Вучиќ разговарале на телефон за бројни билатерални теми, но генерално не ги коментираме деталите од приватните разговори, изјавија за Гласот на Америка во Стејт департментот на прашањето за наводите на Вучиќ дека нема добри вести за граѓаните на Србија.
„Ќе воведат не некои генерални, општи, не само финансиски, туку севкупни санкции за нашата компанија НИС. Тоа нема да бидат санкции против компании кои имаат руска сопственост или оние финансирани од руски банки, туку ќе бидат директни санкции против нашата компанија НИС“, рече Вучиќ на седницата на Владата на Србија, на која учествуваше на покана на премиерот Милош Вучевиќ.
Како што изјави Вучиќ на седницата Вашингтон ќе и даде на Србија 30 дена „да ја процени ситуацијата и да преземе мерки, а во рок од 60 дена да заврши сè“.
Вучиќ за санкциите разговараше и со амбасадорот на САД во Србија, Кристијан Хил.
Кзко што објави Глас на Америка, тема на разговорот освен санкциите за НИС, биле и настаните и резултатите од соработката од претходната година и натамошното унапредување на билатералните односи во различни сфери на општественото живеење, особено инфраструктурните проекти, како патните, така и енергетските.
Дополнително на владината седница Вучиќ изјавил дека има добра врска со новите луѓе во администрацијата на Трамп кои се важни по ова прашање, но ако не се успее ќе мора да се разговара со Русија.
„Апсолутна последна опција мора да биде непријателско преземање. Кога веќе не знаеме дека не можеме да преживееме. Ја споделувам загриженоста, сите резерви што ги имаме би направиле хаос на пазарот. Пред тоа, има безброј можности за кои треба да разговараме’, изјави Вучиќ.
На 13 декември, Вучиќ изјави дека „за неколку дена“ САД ќе воведат санкции за нафтената индустрија на Србија (НИС) поради руската сопственост во поранешната државна компанија. Десет дена подоцна, американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил изјави дека „нема најави“ дека ќе бидат воведени санкции за НИС.
Хил тогаш за јавниот српски медиумски сервис изјави дека „има загриженост“ за тоа дали НИС во руски раце некако помага во финансирањето на војната во Украина и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.
Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Газпром Нефт и нејзината чадор компанија Газпром.
Подготви: Б. Ј.