Ана Чупеска
Тезата „Кога секој глас се уважува, демократијата испорачува“ во современиот политички контекст бара суштинско редефинирање на тоа што значи „гласот“ денес.
Во ера на сложени геополитички предизвици и забрзана дигитализација, уважувањето на граѓанскиот глас не смее да се сведе само на формален изборен чин или на она што во политичката теорија го препознаваме како авторитарен процедурализам – формално спроведување на демократските процедури без нивната вистинска, либерална суштина.
За демократијата навистина да испорачува во нашите општества, мора да разбереме дека автентичниот глас на граѓанинот зависи од неговите епистемички права.
Не можеме да зборуваме за уважен глас доколку тој глас е манипулиран, дезинформиран или обликуван од алгоритми кои не подлежат на демократска контрола.
Денес, дигиталниот суверенитет на државите и когнитивната автономија на граѓаните се основен предуслов за функционално демократско општество.
Институционалниот дизајн мора итно да се адаптира за да го заштити овој нов јавен простор.
Понатаму, во сложени, мултикултурни општества, уважувањето на секој глас значи системска инклузивност која ги надминува етничките или партиските ровови. Тоа подразбира градење на отпорна безбедносна култура и силни институции кои не се заробени од теснопартиски интереси, туку се водат од владеењето на правото.
Во овој контекст, европската интеграција не е само надворешнополитичка цел, туку клучна преговарачка рамка за консолидација на нашите демократски стандарди.
Што мора да се промени?
Мора да преминеме од демократија на пасивни набљудувачи кон демократија на активни, информирани граѓани. Тоа бара бескомпромисна заштита на јавниот дискурс од малигни влијанија и креирање јавни политики базирани на факти. Само тогаш, кога граѓанинот ќе ја има моќта на вистината, неговиот глас ќе биде навистина слободен, а демократијата ќе може праведно и ефикасно да испорачува јавни добра за сите.
Овој текст е дел од иницијативата на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември. На покана на ЦИВИЛ, автори од различни области придонесуваат со свои размислувања за состојбата, предизвиците и одбраната на демократијата. Ставовите изнесени во текстот се лични ставови на авторот.
По повод Меѓународниот ден на демократијата, прочитајте ги и соопштенијата на ЦИВИЛ – Твојот глас. Твојата слобода. Нашата демократија. и на DDGI и WA4U – Во одбрана на демократијата. Во солидарност со Украина.
Твојот глас.
Твојата слобода.
Нашата демократија.
Лагите и насилството се штитат со гушење на независните медиуми и граѓански организации.
Дајте го својот придонес СЕГА.












