пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Нова средба на племенски старешини, пардон, партиски лидери. Нови лулиња на мирот, пардон, договори. И започнуваме уште еден сложен ритуал, пардон, избори.
Закажаната средба на партиски лидери, нефункционирањето на Собранието, отсуството на контрола над власта, јасно зборува за тоа дека Република Северна Македонија не е демократска држава.
Република Северна Македонија е држава во која се изведуваат ритуали кои имитираат демократија.
Се изведува ритуал на избори, и се конституира тело кое се нарекува највисоко претставничко и законодавно тело, меѓутоа, тоа нема никаква фактичка улога во претставувањето на граѓаните, донесувањето на законите и управувањето со државата. Законите се подготвуваат, договараат и донесуваат надвор од Собранието, а во него само се обавува ритуалот на подигање раце кој нема никакво фактичко значење.
Се изведува ритуал на избор на судии и јавни обвинители, меѓутоа тие се пред тоа избрани и определени од племенските главешини, пардон, партиските лидери, и ритуалот е само збир од кореографски осмислени движења кој на граѓаните им создава привид на демократски процес. Улогата на овие судии и јавни обвинители е исто така строго ритуална. Тие изговараат подобро или полошо научен текст (кој многу често воопшто не го разбираат) и прават одредени процесни движења (чие значење се изгубило многу одамна), додека одлуките кои ги донесуваат се јасно детерминирани и определени од волјата на племенските старешини, пардон, партиските лидери.
Се изведува ритуал на формирање на институции, во кои се пренесува желбата на племенскиот главешина, пардон, партиски лидер кој во моментот го држи во раце управувачкото жезло, и во кои се кумулираат следбениците со цел да се обезбеди правата насока на делување, и јасно ќе стави до знаење дека секоја услуга и секоја казна доаѓаат од страна на актуелниот владетел.
Во одреден момент толку се губи смислата на ритуалите, и толку заморуваат со својата сложеност зад која не стои никаква содржина, што племенските старешини, пардон, партиските лидери дури и формално се откажуваат од нив и воведуваат вонредна состојба во која не мора да се измачуваат со нивно изведување.
Меѓутоа, шоуто мора да продолжи, движењата мора да бидат направени и соодветните зборови да бидат изговорени, со цел да се задржи илузијата на демократска држава.
И ете, нова средба на племенските старешини, пардон, партиски лидери, на која “избраните“, со препознатливи бои и препознатлива кореографија се договараат за изведувањето на новиот ритуал на избори кој треба да ја одржи илузијата на демократија.
И нов циклус на натамошни ритуали за граѓаните кои живеат во уверување дека така треба, дека тоа е демократија и кои веќе не се ни обидуваат да ја бараат смислата во она што го прават. Важно е дека има некој таму што знае, а наше е само да правиме како што ќе ни речат.
Магарето лета. Лета, ако така се договорат племенските старешини, пардон, партиските лидери.