Во извештајот „Слободата во светот“ на Фридом хаус, во 2016-17 година имавме 57-58 индексни поени. Оваа година, скорот на Северна Македонија стигна до 66 индексни поени.
“Неодамна реизбраната владата на премиерот Зоран Заев направи пресврт по годините на демократско назадување, но на земјата продолжува да и се негира шансата да се приклучи во ЕУ“, се вели во извештајот.
Со оглед на околностите и големиот отпор на многу моќни структури против нормализирање на земјата, и не толку малите проблеми во медиумската сфера, правосудството и во провеќе области што не се решаваа(т) поради разни опструкции, констатираните позитивни наоди се голем напредок.
Но, со оглед на нашите желби да станеме нормална земја со сите нишани, со оглед на тоа каде е нормалниот свет а каде сме ние – тоа не е доволно.
Сепак, многу е битно дека и угледни меѓународни организации констатираат дека, после цела деценија паѓање, нашата демократија веќе 3-4 години напредува и станува сè послободна.
За тоа треба да се честита, на луѓето во институциите, во правосудството, медиумите, во граѓанскиот сектор, во академијата, и на сите чинители во јавноста и секако на граѓаните – кои придонесуваат за тој напредок.
А за оваа мала но важна победа на демократијата и пораз на лудилото, да не ги заборавиме и оние, на кои треба да им се изрази сочувство.
И покрај сите нивни напори за личен ќар да не успееме сите ние во целост, поразени се криминалците кои ја заробуваа државата, а кои сè уште се копрцаат и го спречуваат напредокот колку што можат. Поразени се и нивните слуги, во медиумите, институциите, образованието, јавноста, секаде…
Но, тој пораз не значи и добиена војна против овие структури. Секојдневно се гледа нивната моќ, гласност, нивните „успеси“ да мобилизираат околу лаги и лудило цели послушни и диригирани маси, на чие оглупавување и полнење со омраза е работено со години.
Напредокот во демократските слободи треба да ни биде само поттик, да бидеме уште повеќе на штрек, и да продолжиме со оваа офанзива и напредок. Да се фатиме уште поздраво за работа. Оти, сè што му треба на лудилото да победи е добрите луѓе да не прават ништо.