пишува: МЕРСИХА СМАИЛОВИЌ
Секој родител чувствува возбуда на првиот училиштен ден! Измешани чувства на грижа, надеж, страв, среќа, затоа што, секој своето дете го сака најмногу и му посакува светла и убава иднина. Толку многу родителот го сака своето дете, што е спремен да го жртвува својот и неговиот живот, само да му обезбеди подобра иднина. Таква иднина која го има преживувањето за примарна и најбитна цел. Таа одлучност да се преживее секој нареден ден, таа желба само да се заспие мирно, без страв дека нема да го дочека утрото, ја преживуваат милиони деца со своите родители насекаде низ светот каде војните не престануваат!
Кога ќе сретнете бегалци и мигранти, си велите т.е. се тешите, добро им е, среќа па се живи, сѐ друго е споредно. Но, зарем е сеедно да го спасиш твоето дете од војна, и да го донесеш во мир, а притоа тој мир да значи само преживување, без никакви права? Дали овој родител ќе ја почувствува некогаш возбудата на првиот училиштен ден? Дали ова дете некогаш ќе го заболат рамениците од тешкиот ранец натоварен со книги? Сосема е сигурно, дека таа возбуда во Македонија нема да ја доживеат.
Денес, првиот училиштен ден, ќе биде само еден од многуте обични денови за вкупно 17 деца, кои се наоѓаат на територијата на нашата земја. Земја во кое е доволно да си дете за само да одиш во училиште! Земја со Закони кои дишат со хуманост и човечност, но, без желба надлежните да ги спроведат. Тие 17 деца се само деца. Зарем е потребно да им додаваме друга карактеристика на тие чисти и невини деца, кои се спасиле од хоророт на војната, деца јунаци кои преживеале ужаси?
За мене тоа е доволно, но, според Законите тие се деца без државјанство, а некои се баратели на азил. За сите нив законот за основно образование во членот 13 вели: „Деца со странско државјанство или деца без државјанство, децата бегалци, барателите на азил, децата со статус на признаен бегалец, деца под супсидијарна заштита и деца под привремена заштита кои престојуваат во Република Северна Македонија имаат право на основно образование под еднакви услови како децата државјани на Република Северна Македонија.“
Сѐ звучи така идеално, така прецизно објаснето, но, решение ни на повидок. Не само што нема решение, туку нема ни волја ни разговор меѓу надлежните да преземат одговорност и дела кон Законите кои тие треба да ги штитат и имплементираат. Машинеријата на лажните вести ја уништи секоја намера да започне процесот на интеграција. Таа машинерија намерно и свесно придонесе стравот да биде единственото чувство кое нашите граѓани го чувствуваат кон бегалците и мигрантите. Можам да наоѓам оправдание за незаинтересираноста на ресорните Министерства, но тоа нема да смени ништо во иднината на овие деца, за кои училишното ѕвонче нема да заѕвони, барем не во Република Северна Македонија!
(Авторката е претседателка на ЛЕГИС)
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.