Како слободни граѓани, имаме право и обврска да искоментираме, одобриме или критикуваме изјави и дела на секој политичар што ни ја креира стварноста.
Пред два – три дена, Република Косово ја формираше својата армија, иако, според НАТО, не било време за тоа, бидејќи се стравува од нови нереди во регионот. Со ставот на НАТО, се согласи и нашиот премиер, цитирајќи го, и коментирајќи ги царинските политики на Косово кон Србија. Чудно за НАТО, како за и секој друг што земал сличен став јавно, бидејќи се знае дека иако Косово си ја прогласи својата независност, сепак не е независна држава, туку протекторат и земја кадешто секоја политичка одлука мора да добие зелено светло, или поттик и ветер во грбот од САД, НАТО, ЕУ и не знам веќе кои светски воени и политички сили, односно, не може да направи ништо без нивна согласност, колку и да не се согласуваат јавно, нели така работат големите сили, зад врата.
Сакам да се навратам на реакциите на граѓаните Албанци во Македонија, на изјавата на премиерот Заев. Како претседател на влада, секако дека треба, и се очекува да искоментира и да завземе став околу политиките на соседите. И тука нема причина за нечие негодување.
Реакциите на Албанците се интересни, во смисла на бројноста на граѓаните Албанци во Македонија, и дека тој би требало да ги земе предвид чувствата на истите, што се однесува до формирањето на Косовската армија, и Косово воопшто. Разбирливо, затоа што голем број Албанци во Македонија имаат потекло од Косово, и имаат блиски и далечни роднини таму. Но сепак, се чувствуваат граѓани на Република Македонија по факт на раѓање, живеење и се што оди со живеење во една држава. Многу лесно можат да станат државјани на Косово, се што треба е да имаш родител или родител на родител со извод на родените од Косово, за да можеш да поднесеш барање за Косовско државјанство, барем така беше до скоро. Сакам да кажам дека е нормално да имаат чувства кон таа земја, чиј што главен град на вилајетот во минатото било Скопје, така што географски и историски сме многу поврзани.
Интересно е што во негодувањата кон изјавата на Заев, граѓаните Албанци наместо да се фатат за неисполнетите предизборни ветувања и предавството на Заев во однос на ДУИ кон граѓаните што го гласаа, се фаќаат за блискоста со Косово. Но, да се разбереме, граѓаните рамислуваат на начин што им е близок со своето битисување на земјава, и на земјината топка воопшто.
Не знам дали во иднина г. Заев има намера да се кандидира на какви било избори, но доколку има таква намера, извесно е дека веќе забрзано ги губи гласовите на Албанците, вклучително и на тие што масовно го гласаа на минатите парламентарни избори, гласови што му беа наменети нему, а што отидоа во прилог на СДСМ. Можеби нема намера да се кандидира, а можеби и се помирил со фактот дека тие гласови веќе нема да ги добие, не заради последнава изјава, којашто кај Албанските граѓани ( гласачи) се протолкува и како пристрасна, во прилог на Александар Вучиќ (претседателот на Република Србија), човекот што е речиси пандан на Груевски, којшто нели, му „избега“ на Заев и по неговото ( и не само неговото) долгогодишно залагање за негово затворање и казнување – и враќање на парите, како и блискоста по верска основа, којашто на неколку пати ја изрази јавно. На овој начин размислува гласачот, односно, обичниот граѓанин. Јас не го гласав, ниту него, ниту кој било друг, бидејќи, како прво, гласањето ми беше оневозможено, и како второ, ќе го прешкртав листот за гласање заради немање нормална опција што ќе ги задоволи моите потреби како граѓанка на оваа држава.
Инаку, без некоја плитка или длабока политичка анализа, изјавата на Заев, копирана од НАТО, дека не ни се потребни нереди, односно, дека токму формирањето на оваа војска би било тригер за нови нереди во регионот, е исто како кога еден сексуален насилник и неговите оправдувачи, се оправдува за силувањето на една жена со причина дека таа го навела, бидејќи во моментот била провокативно облечена и нишала со колковите додека одела, односно, си го барала.
Притоа, заборавајќи дека Србија е таа што со години правеше нереди на Балканот, да ве потсетам, геноцидот во Босна и Херцеговина беше извршен од српската војска, и протерувањето на Косовските Албанци од нивната земја беше спроведено исто така од српската војска. Кон која држава( Србија) , НАТО изврши воздушен напад, како казна за нивните дела. И кон кое НАТО се стремиме сите, вклучително и граѓаните Македонци, коишто до ден денешен не ја надминаа болката од нападите на НАТО кон Србија.