Деновиве се дигна огромна бука и халабука, прашина и магла, врева и далавера, околу едно контроверзно и во најмала рака бизарно лице, кое со своите јавни искази, пишување и активности е предолго присутно во македонскиот јавен простор и во политичко-културолошкиот дијалог. Се разбира, под услов, таков или било каков друг дијалог воопшто да има и да постои во Македонија.
Неспорен факт е дека дотичното лице има голем придонес во борбата против криминалниот, корумпиран, авторитарен и репресивен режим на Груевски. Меѓутоа, не треба да се претерува со истакнувањето на неговите „првоборeчки“ заслуги. Тој не беше единствен во таа борба против режимот. Тој можеби беше гласен, и агресивен каков што е, но имаше и други, стотици луѓе, кои беа гласни и конзистентни во своите критики, осуди, и ангажман против минатата власт „урната со пенкало“. Тој беше само еден од многумината кои бараа, и кои сѐ уште бараат, демократска, граѓанска и цивилизирана држава. Затоа не е потребно ниту идеализирање и митологизирање на ова лице, ниту идолопоклонство кон него. Такво однесување и постапки Македонската далечна и сегашна стварност веќе има искусено. А и сега ги трпи резултатите на таквите свои заблуди со градење и обожување на култови на личности.
Меѓутоа во овој голем хаос и галиматијас, кога „херојот“ на нашето време, кога херојот од нашиот сокак, кога „едно совршено невино лице кое во својство на осомничен го викаат во Основното јавно обвинителство во врска со постапување по кривична пријава за повеќе кривични дела од Кривичниот закон,“ значи, кога лицето е повикано на разговор каде што ќе има и адвокат кој ќе го застапува, тоа „совршено невино лице“ почнува да се однесува инфантилно. Тој, почнува да плаче како мале дете на кого родителите му ја земале играчката, излегува на улица и вреска за да го чујат комшиите и да се втрчаат да му помогнат во тоа што тој сам го оплескал. А тие, комшиите, другарите и другарките од маало, целата македонска „демократска и слободоумна“ јавност се крева на нозе и ужасната е од таа постапка… хмммм.
И добро е што го прави тоа. Добро е кога граѓаните се дигаат во одбрана на слободата на говорот и во одбрана на слободното новинарство во Македонија. Но, прашање е дали овде се работи за слобода на говорот. А што ако се работи за злоупотреба и дисторзија на слободата на говорот?
А зошто сите тие апологети о душебрижници за животот и делото на тоа „совршено невино лице“ не се дигнат и не излезат на улица и не побараат итно спроведување на заклучоците на Прибе и владеењето на правото? Или пак резолутно да излезат од кафаните и да демонстрираат против енормното загадување на воздухот кој физички ги убива сите?
За жал, ни повиканиот на разговор, ни неговиот пристрасен ентураж, ни неговите епигони, се само кафеански и маалски лиживагани и лингури, не сакаат да видат, или пак не можат да видат, така заглавени на дното од македонската канта за ѓубре, дека за да се оди во Европа и секаде на запад од Балканот, да се биде дел од културниот и цицилизиран свет, мора да се почитуваат законите и моралните норми и правила кои ја дефинираат заедницата како културна и цивилизирана.
А новинарите, во тој контекст, се првите кои со своите искази, мора да се однесуваат цивилизирано, културно и одговорно, а не како невоспитани уличари. Слободата, а со тоа и слободата на говорот не се анархија и деструкција на сѐ и сешто, на сѐ постојано. Слободата и правната држава, освен почитување на постоечките закони, одредби и правила, подразбираат и почитување на другиот и на сите оние поинакви од себе. Слободата и правната држава исто така носат со себе и морални обврски и одговорност за пишаниот збор и за секое јавно однесување. Таа одгворност е уште поголема ако тој, пишаниот збор, опфаќа широк круг луѓе и има големо влијание во оформувањето на јавното мислење и градењето на општата култура на една дадена средина.
Злоупотребата на слободата на говорот, не донела никогаш ништо добро. А во овој случај бранењето на таа злоупотреба и нејзиното криење со изговор дека се работи за некаков алегоричен или метафоричен говор просто не држат вода. Таквите „аргументи“ се само изобличувања и евтини кафански досетки, димни завеси кои се далеку од одбрана на слободата на говорот. Тие се, пред сѐ, навивачки врискотници и извртени тези на необразовани и несеризони кафански клепетала. И тие можат да бидат валидни само во таа и таква средина: средина во распаѓање; во држава со искривени и извитоперени вредности, без било каков морал, и секако во држава во која насилно владеат инфантилни и неписмени политичари со изместени приоритети и изгубен компас.
Меѓутоа, она што е можеби најважно во овој момент на себесожалување на македонската таканаречена интелектуална елита е фактот што многумина јавно лицемерно молчат, а приватно, во своите затворени кругови со гадење ги осудуваат неморалните искази на „царот“ на македонското новинарство.
Жално е што со своето опoртунистичко молчење се плашат и не сакаат да кренат глава и да речат, „царот“ е гол.
Жално е што тие молчат и се помируваат со тоа дека тоа „совршено невино лице“ со своето вулгарно, нарцисоидно, мегаломанско, авторитарно, нетрпеливо, агресивно, дрско, плукачко, уличарско, сексистичко и мизогино однесување, со својата нетрпеливост и нетолерантност кон секого кој не мисли како него, и со немањето почит ни кон луѓето ни кон законот и правото, направило всушност голема штета околу себе и во средината која се бори за свој опстанок.
Тажно е, а и за прекор е, што тоа лице, од критичар на минатата корумпирана власт, на патот кон неговата заматена проекција за светла иднина на неименуваниот простор кој зашеметено го сонува, се претвори всушност во вистински одслик, во копија на грдиот лик на ВМРО-ската власт што така остро и со право ја критикуваше. Тоа лице кое се претставуваше дека има возвишени цели и добри намери, на својот пат кон пеколот покажа всушност дека е една неморална, деструктивна бесчувствителна примитивна мелница која го сомле целосно, го вулгаризира и го девастира македонскиот јавен простор и македонскиот јазик. Со таквото простачко однесување, тој новинарството го претвори во алатка на лична пресметка со неистомисленици, обичен жолт печат и шунд, а македонскиот културно-политички простор во една неиздржливо засмрдена клоака во која владеат невоспитани и насилни креатури.
На тој начин, потпомогнат од тие свои епигони и имитатори, и заедно со нив, тој дрско го уништи цивилизираниот јавен дијалог во Македонија. А во тој процес редуцирајки го македонскиот јазик на навреди, пцости, вулгарности и гадости, кои како да се препишани од најевтини порнографски филмови, тој цар на македонските промашувања и самозалажување, всушност го промовираше и го трасираше исчезнувањето и на македонскиот јазик и на македонската култура воопшто.
Токму затоа сите тие апологети, маалски филозофи и молчеливи сведоци на овој културоцид, на овој злочин над Македонија како културна граѓанска и мултикултурална цивилизирана заедница се истовремено и соучесници во тоа срамно дело.
You are complicit, my friends!
И не ја барајте вината во други, туку во себе, во својот кукавичлук, во својата инертност и мрзливост, во својот конформизам од кој не сакате ни за миг да се одвоите, во опортунизмот и во чувањето на своите ситни привилегии, и највеќе во својот страв и немоќ да се спротивставите децидно и резолутно на злото што ве држи во својот загаден атар. Секоја промена почнува дома, од себе. Променете се, очистете го ѓубрето оклолу вас и во вас, за да можете да зачекорите и да си го најдете местото во цивилизиранот свет по кој толку пекате. И најдолгиот пат почнува со првиот чекор.
А за деструктивниот придонес на ова „невино лице“ кон исчезнувањето на АСНОМ-ска Македонија, кое и понатаму чини штети и како булдожер делува во сегашниот лицемерен и самоуништувачки македонски околиш, друг пат и на друго место.
Толку, накратко за вистинскиот злочин кој го криете под тепих, што лицето повикано на распит го има сторено. Тој тоа не го гледа, или не може да го види. Но, исто така и не сака да се извини на македонската јавност. А би требало. Ако не друго да се извини барем на таа јавност, што е таа толку толерантна кон него и неговите злодела и што и понатаму го трпи да и се качува на глава.
И на крајот, мора да се каже НЕ! Не треба да се има било каков распит или било каква понатамошна судска постапка. Не треба да се трошат време и пари за ова бебешко лице со дијаболични постапки. Секој понатамошен административен процес против „царот“ ќе бидат контрапродуктивни и за државата која се продава дека е демократска, а и за самиот насилник.
Доволна казна за него се демоните што го јадат од внатре и со кои тој секојдневно се бори во потрага по својот сопствен идентитет.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста