Министерството за правда, остро реагира на опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ за законот за Јавно обвинителство. Како што соопштија од партијата пристигнал документ насловен „Принципи и насоки на ВМРО-ДПМНЕ во донесувањето на Закон за Јавното обвинителство“.
Документот содржи информации за меѓународни документи, од кои дел не се однесуваат на Јавното обвинителство, а останатиот дел се веќе имплементирани во истиот закон. Од Министерството информираа дека ВМРО-ДПМНЕ требаше да достави конкретни амандмани со кои би се понудиле алтернативни решенија на Предлог-законот, кој е во собраниска процедура, а не текст кој само ќе го одoлговлечи целиот процес.
„Во документот се содржани три барања и тоа:
1. Избор на Јавниот обвинител по предлог на опозицијата, за кое барање ги упатуваме да ги погледнат решенијата содржани во нашиот Устав, каде е прецизирано кој го предлага Јавниот обвинител и со какво мнозинство се избира.
2. Прекинување на сите постапки кои се покренати од СЈО по 30 јуни 2017 година, што практично значи признавање на постоење на криминал и барање на амнестија за истиот.
3. Барање за организирање на СЈО како одделение во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, што всушност значи разводнување на капацитите кои СЈО веќе ги поседува и ослабување на ефикасните механизми за борба против криминалот и корупцијата.
Во рамките на третото барање е содржан предлог за “испитување на претходни коруптивни и инкриминирани дејствија кои за македонската јавност останаа неразјаснети“. Во врска со ова барање, потсетуваме дека Законот за Јавното обвинителство содржи одредби со кои СЈО ќе биде овластено да гони коруптивни дела сторени од сите јавни функционери и таа надлежност ќе има право да ја врши како за идни кривични дека, така и за сите минати кривични дела кои не се застарени“, стои во соопштението на Министерството за правда.
За Министерството ваквиот несериозен пристап на ВМРО-ДПМНЕ покажува кои се нивните вистински приоритети.
„ВМРО-ДПМНЕ покажа дека амнестијата на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е поважна цел од европската иднина на нашите граѓани“, велат од Министерството.