од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Пазете, отворено писмо. До јавноста, до македонските граѓани. Отворено писмо. Ни срам ни перде. Отворено писмо на вториот човек на ВМРО-ДПМНЕ. На партискиот генерален секретар Игор Јанушев. Барем да беше тој некој што јавноста не го знае. Од некоја нова партија во доаѓање, на пример. Од некоја политичка средина досега неизвалкана со власт па да напише што напишал.
На јавноста ѝ се обраќа соработник на децениски режим. На партија која како никогаш досега да не била на власт. Висок функционер на партија која во овие 28 години независност што тој во писмото ги проколнува, како да не владеела цели 16. Ни се обраќа сведок и соучесник во тоталитарното владеење кое земјава и каузата ја водеа во бездна. Актер во режим кој цела деценија татковината ја движеше во спротивна насока од интеграциите. Човек од доверба на партиската елита која изборните пљачки ги унапреди во изборно разбојништво. Вториот човек на партијата која до вчера местеше апсења и судски процеси. Која промовираше насилија, удираше шамари, минираше одмазднички. Која сечеше безмилосно и која градеше на сила. Која партизираше сѐ. Oд работно место до куќен совет. Од најмалите медиуми до највисоките институции.
И сега, отворено писмо. Државата одела во погрешна насока. НАТО и ЕУ биле погрешната насока. По деценискиот режим одеднаш амнезија. Ништо не било. Ништо не се случило. Не биле на власт. Актерите на режимот исчезнале. Како ништо да не слушнавме во бомбите. Како да не знаеме кои се, какви се и што сѐ ѝ сторија на земјата и на каузата. А ене ги во парламентот заедно со него истите тие ликови на режимот. Уште матат. Фрлаат прав в очи. Сѐ да заборавиме. Пак да дошле на власт.
Сега сме пропаѓале. Сега кога тргнаа интеграциите. Што си мислат, дека од Марс сме паднати па ништо од нивното ниту сме виделе, ниту сме чуле, ниту сме запомниле. Генералниот секретар му ги врти и коските на великиот Горан. Ама од него не разбрал ништо за македонското дупло дно. И не можел зашто посветено го креираа тој и неговите. Некој оттаму нека му каже на генералниот дека пропаѓавме со него и неговите кога бевме сред пресата на дуплото дно. Кога цапавме в кал по сите теми во сите извештаи на ЕУ. Тогаш.
Обнова ѝ треба на неговата партија, не на државата. Таа се опоравува. Бавно и уште коруптивно, ама сепак се врти. А тој во писмото се заканува и тагува за назад. Ја потврдува партиската политика против НАТО и против ЕУ. Овој пат отворено и написмено. Државата одела во погрешен правец. Во НАТО и во ЕУ. Во погрешен. Баш во погрешен. И за каузата. Тој бранител на каузата. Тешко на каузата. Тие и каузата.
Сега, по ова, ќе му треба уште едно отворено писмо во кое ќе посочи и ќе појасни каде тоа со нив, во која насока ќе ја водат државата? Во кој не погрешен, во кој исправен правец? Во Будимпешта ли или каде? Ајде нека напише па да го прочитаме и тоа чудо. Кратко, јасно, директно, прецизно без паушали како со ова првово.
Без сонливо нашкрабани манипулации и со барем трошка скрупули. Вака, забегана работа.