ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со Амбасадата на САД во Скопје, организираше и работна средба во Општина Чаир, посветена на борбата против радикализмот и насилниот екстремизам.
На средбата учествуваа жители на општината од најразлични профили, професори, работници, активисти и родители кои ги пренесоа своите ставови за состојбите во општината пред американскиот експерт за борба против насилниот екстремизам и градење на мир, Пол Тарнер.
За време на средбата Тарнер ја истакна потребата од превенција на ваквите појави во општеството, нагласувајќи ја клучната улога на заедниците во борбата против насилниот екстремизам.
„Ова не е работа на полицијата. За жал, работата на полицијата започнува тогаш кога штетата е веќе направена“, рече Тарнер.
Учесниците преку примери од секојдневието, во контекст на областите кои ги работат, ги пренесоа своите заложби за подобрување на состојбите и одржување на мирот.
Настанот е во рамки на проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ кој е поддржан од Американската амбасада во Скопје.
М. Ивановска