Конференцијата со наслов „Заедно за превенција против родово базирано насилство“ во организација на Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп се одржа во хотел Континентал во Скопје. Оваа конференција, всушност, е завршна активност од проектот „Акции против родово базирано насилство кај ромски и други маргинализирани заедници“, кој е финансиран од Германската Амбасада во Скопје. На средбата беа презентирани резултатите кои ги постигнал овој проект во изминатата година, а потоа се разговараше и за предизвиците со родово базираното насилство. На оваа средба имаше учесници од цела држава и тоа од Министерство за труд и социјална политика, од Центри за социјална работа, од Народниот правобранител, општински претставници, претставници од граѓански организации и меѓународни организации кои работат на човекови права.
Свои обраќања на настанот имаа м-р Елена Грозданова, Државен советник за еднакви можности од Министерство за труд и социјална политика, Дејан Тошески – Директор на Меѓуопштински центар за социјална работа во Прилеп, Ајша Муаремоска – претставник од Комисијата за еднакви можности – Општина Долнени, координаторот на проектот и експертите кои работеле со жртвите во рамките на проектот.
На оваа конференција присуствуваше и Katrin Frühinsfeld – Прв Секретар Германска Амбасада Скопје, која ја поздрави конференцијата и се обрати до присутните.
Конференцијата предизвика интерес и дискусии на присутните, а заврши со препораки да се продолжи да се работи на полето на помош на жртви од родово базирано насилство, но и да се работи на превенција на родово базирано насилство во делот на работа со млади, кампањи и слично.