„Пописот ниту скратува права, ниту дава нови права. Ниту нешто ќе промени, ниту некои драми ќе се случат. Податоци ни требаат за развој на државата, за да знаеме колкави се регионите со невработеност, каде има локации за нови индустриски зони, за развој на нови економски политики, отворање на нови работни места. Ни требаат податоците како леб од секој можен аспект. Ако е прашање за фрустрацијата, дека некој не успеал да направи, а сега некој ќе успее, јас уште сега објавувам дека е заеднички успех пописот што заедно ќе го спроведеме. Мислам на власт, на опозиција, извршна власт, Претседател на држава, Парламент, заеднички ќе биде успехот. Но, должност е да учествуваме во пописот сите“, истакна премиерот Зоран Заев и побара граѓаните да бидат одговорни и да овозможат во април да се спроведе пописот на населението.
Откако од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија собирање на потписи за поништување на Законот за попис кој беше изгласан во Собранието, Заев рече дека тоа е неодговорно бидејќи сме една од ретките земји кои 20 години немаат попис.
Премиерот Заев се осврна на инклузивниот пристап на власта во целиот процес и на фактот дека беа разгледани сите предлози кои ги понуди опозицијата, како што е предлогот за отпечаток од прст, како и предлогот за електронски попис.
„Го видов и предлогот на Претседателот на државата, пописот да се одложи некој месец. Сé е вредно за размислување. Но знаеме дека во лето знаеме не се спроведува попис, септември е кампања, октомври се локалните избори. Да размислиме ако се одложи да завршиме до средина на јуни. Но, еве гледаме дека опозицијата го одбива и тоа“, рече премиерот Заев.
Одговарајќи на прашањето, тој уште еднаш ја истакна важноста од спроведување на статистичката операција, попис.