Премиерот Зоран Заев попладнево ги пречека српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, кои ќе учествуваат на главниот панел на Регионалниот економски форум што ќе се одржи утре во Скопје.
„Попладнево им посакав добредојде на претседателот на Србија, Вучиќ и на премиерот на Албанија, Рама после што имавме заедничка прошетка по новиот скопски кеј, каде домаќин ни беше градоначалникот Шилегов. Разговаравме и со граѓаните во центарот на Скопје, како најава на Економскиот форум за регионална соработка кој првпат се одржува во Северна Македонија, како и за отворањето на нови перспективи за нашето поврзување, напиша премиерот Заев на својот Фејсбук профил.
Балканот е нашиот заеднички европски дом во кој се поддржуваме и во кој ги унапредуваме односите. Нашиот поглед е напред, кон подобро утре, кон економски раст и развој, кон добробит за нашите народи“ – напиша Заев на Фејсбук.
Прошетката на тројцата државници низ центарот на Скопје предизвика големо внимание од минувачите, но и во медиумите и на социјалните мрежи.