Премиерот Зоран Заев на јавната дискусија за Националната стратегија за развој на концептот за едно општество истакна дека државата треба да изгради граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики како посебност и суштина на нашето заедништво.
Владата на Северна Македонија уште од самиот почеток е втемелена на постулатот едно општество за сите и на тој постулат се градат сите политики во изминатиот период. Ова е истакнато на првата од серијата јавни дискусии на Владата за нацрт-текстот на „Националната стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“.
„Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија е исцртување на една од главните карактеристики и вредности на нашата земја. Светот веќе нѐ препознава по нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики како посебност и суштина на нашето заедништво.
Различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. Од стратегијата ќе направиме жив инструмент за превенција од доминација на етноцентрична култура. Докажавме дека имаме политичка и општествена волја за решавање спорови. Можеме да докажеме дека умееме да бидеме модел и за успешно и функционално општество еднакво за сите“, истакна Заев.
Министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека Нацрт-стратегијата е доказ за градење заедништво, солидарност, сплотеност во нашето општество, како единствен вистински правец на развојот на нашата заедница во која сите наши граѓани ќе се чувствуваат свои на своето, обединети и сигурни.
Нацрт-текстот на стратегијата беше презентиран пред претставници на граѓанскиот сектор, дипломатскиот кор, претставници од државните институции и граѓански активисти.
Д.М.