Вложувања во образование и зајакнување на човековиот капитал, иновации, инвестиции, подобрување на деловниот амбиент, почитување на демократските темели на општеството, борба со корупцијата и грижа за животната средина беа теми на онлајн состанокот на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Фатмир Битиќи со одборот на Македонија 2025, претседателката Вера Ставроф, Мајк Зафировски и Никица Мојсоска Блажевски, извршна директорка на Македонија 2025, пренесува владината служба.
Од Влада додаваат дека на состанокот се дискутирало за важноста од долгорочен економски развој и предвидлив деловен амбиент, како и обединување на сите засегнати страни во однос на клучните приоритети кои треба да ја подобрат иднината на Северна Македонија.
„Премиерот Заев ја истакна посветеноста на Владата за справување со моменталните предизвици како резултат на пандемијата за ублажување на последиците, како и времето кое се посветува од страна на сите економски ресори во Владата за креирање на долгорочна стратегија за развој на државата што е неопходно за унапредување на економијата и квалитетот на живот. Заев, додаде дека Владата ја поддржува соработката со Македонија 2025 со оглед на нејзината важност за зацврстување на деловната комуникација меѓу македонската деловна заедница и бизнис дијаспората, со цел продлабочување на соработката, искористување на потенцијалите и пренесување на знаење и позитивни практики“, соопштуваат од Влада.












