Државата ќе скрати од таму каде што е помалку важно за да обезбеди средства за набавка на таблет уреди за сите дечиња од посиромашните семејства за да се чувствуваат еднакви со другите, порача денеска премиерот Зоран Заев на означувањето на завршетокот на инвестицијата за реконструкција на пазарот Бит-пазар во Скопје
Државата, Владата, Министерството за образование и наука постојат за граѓаните, а двојно повеќе постојат за децата. Нема дилеми дека ќе направиме се за да обезбедиме еднакви услови за сите за никој да не се чувствува заборавен и сите деца, пред се оние кои доаѓаат од посиромашните семејства, да бидат еднакви, рече Заев во одговор на новинарско прашање дали Владата планира да обезбеди средства за купување таблет уреди за учениците. Тој нагласи дека ќе ги следат работите и, како што кажа, ќе интервенираат секогаш кога ќе треба.
Важно е да се знае дека ќе бидат обезбедени печатени учебници таму каде што нема таблет или каков било дигитален апарат за да може да се гледа наставната програма, посочи премиерот.