Премиерот Зоран Заев во телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел изрази благодарност за зголемениот ангажман на германското претседателство со ЕУ, за личното вклучување на министерот за надворешни работи Хајко Маас, на државниот министер за ЕУ Михаил Рот, како и за личниот ангажман на канцеларката Меркел, соопштуваат од Влада.
Премиерот Заев за време на разговорот истакнал дека СР Германија направила многу за европската иднина на Западен Балкан, вклучително и преку Берлинскиот процес со којшто годинава претседаваат заедно Република Бугарија и Република Северна Македонија.
„Во телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев беше споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ, да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Премиерот Заев истакна дека тоа е шанса која не треба да биде пропуштена и дека интензивниот ангажман на вклучените страни создава можности за остварување на заедничката цел – одржување на меѓувладината конференција за почеток на преговорите“, стои во соопштението на Владата.
Од Влада додаваат дека на интересот за ситуацијата со КОВИД-19 во нашата земја, Заев информирал дека сите капацитети на државата се ангажирани во справувањето со пандемијата и се заблагодарил за помошта од СР Германија и од ЕУ, за мединцинскиот и заштитен материјал, како и за финансиската поддршка која ја покажува солидарноста на ЕУ со земјите од регионот и со Западен Балкан во целина.