Премиерот Зоран Заев денеска рече дека не размислува да даде оставка.
Тој во изјавата на Зијадин Села, кој вчера од него побара оставка од морални причини, гледа политикантство, желба за власт и за победа на изборите.
-Мицкоски да дојде, премиер да биде? Не размислувам за оставка, а премиер или заменик премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужи, кога ќе биде тука да даде идеи, да понуди решенија, не грозотијата да ја користи на најперфиден начин и тоа за време на трите денови на жалост, се од пуста желба за власт, да се победи. Се додека вака се однесуваат ќе губат на избори. Другата алтернатива е ова: заедништвото, инвестициите, повисоките плати, придонес во БДП, истакна Заев по посетата на новата фабрика за кабли во Сарај.
Во однос на понудените оставки рече дека нема дополнителен коментар зашто за тоа, нагласи, секој ден дава изјави.
-Трагедијата не погоди сите и ќе ја памтиме цел живот. Изгубивме животи. Да ги причекаме форензичките извештаи, нагласи премиерот.
Тој уште еднаш рече дека сите покажале чувство на одговорност, доаѓајќи веднаш на местото на несреќата за да помогнат некако. Злоупотребувањето на болката низ која минува цел народ, рече Заев, е чисто политиканство.
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев изјави дека модуларните болници се безбедни и градени согласно стандардите. Тие се истиот тип како и насекаде во светот. Тие спасија илјадници животи и во моментот во нив се лекуваат околу 200 наши граѓани.
Тој нагласи дека проверките во модуларните болници се засилени и дека се контролираат и од противпожарен и од безбедносен аспект.
– Трагедијата не погоди сите, ќе ја паметиме цел живот, изгубивме животи. Да сочекаме, да ги видиме форензичките извештаи за да превенираме во иднина.
Во однос на оставките на министерот и заменик-министер за здравство, Заев уште еднаш повтори дека одлуката ќе ја донесе по форензичкиот извештај за несреќата.
– Воедно единствено од чувството на одговорност и човечност бевме таму за да видиме дали можеме уште од првите моменти да преземеме нешто. Тоа беше единственото чувство. Се друго е политиканство и политика кои некој сака да ги води. Тврдам дека нашиот народ тоа го препознава кога е на мака целата нација, кога изгубивме 14 наши граѓани во катастрофално трагична несреќа, се злоупотребува болката на целата нација, рече Заев.
Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања за поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, рече дека она што тој го знае е дека Рашковски има решение од суд со кое му е дозволено во точно определено време да оди на лекар заради здравствени потреби.
– Правосудните органи и МВР соопштија дека има дозвола од суд во точен период кога да оди на лекар. Тоа го прочитав од медиумите. Не знам зошто е виден да оди слободно или не. Знам дека со решение има точно предвидено време кога да оди на лекар заради здравствени потреби, рече Заев.