Премиерот Зоран Заев денеска , на настанот по повод отворањето на новата инвестиција, целосната реконструкција на пазарот Бит-пазар. изјави дека со промовирање на досега сработените проекти по реакциите во јавноста за предвремена кампања за локалните избори не се прекршува законот и оти сакаат да им предочат на граѓаните нешто позитивно на што се работело за време на пандемијата.
Должност е на сите да им предочиме на граѓаните што е направено, сите информации. Пред неколку дена бев и со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Сите овие се инвестиции и се работеа за време на најнеочекувана светска криза пандемијата од Ковид -19, со што дадовме дополнителен импулс на економскиот развој на државата, но и се решија вековни проблеми. Генерално законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот, рече Заев.
Премиерот посочи дека тие не промовираат програми, не кажуваат што ќе направат туку само ги констатираат работите на кои Владата вложила труд и енергија.
На прашањето дека во минатото им забележуваа на претходните власти дека водат предвремени кампањи, а сега тие истото го прават Заев рече дека кога СДСМ беа во опозиција тоа прашање беше вградено и регулирано во изборното законодавство
Забелешките коишто беа дадени од тогашната опозиција, предводени од мене, беа вградени во Изборниот законик и денеска ќе го видите членот 8-а во којшто се наведува прецизно во согласност СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, Алијанса, ДПА тогаш сите што беа и денеска тоа е консензус на сите како потреба да се отстранат тие слабости и тие се отстранети. Затоа денеска се знае кога имате да пуштате објекти, а кога е тоа забрането, кога имате право да користите јавни ресурси, кога е апсолутно забрането. Казните се внесени во Изборниот законик, па дури и некои казни се внесени во Кривичниот законик. Од тогаш постигнавме договор и го почитуваме сите, вклучувајќи ја и опозицијата затоа што опозицијата некаде има локална самоуправа, рече Заев.
Во однос на кандидатот за градоначалник на Кочани, навести дека кандидатурата на актуелниот градоначалник ќе биде објавен по одбележувањето на празникот на градот 7 септември.
Премиерот и лидер на СДСМ Заев повтори дека нивната коалиција со ДУИ, со Беса и ДПА и со другите партии е принципиелна и дека таму каде што имаат свои кандидати тогаш ќе ги остават граѓаните сами да си одлучат.