Премиерот Заев, на својата официјална Фејсбук страна, по повод 30 години од донесувањето на Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава во македонското Собрание на 19 декември 1991 година, напиша дека овој датум има посебно место и значење, и претставува еден од трите темелни документи на државноста.
„Оваа декларација, заедно со Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија од 25 јануари 1991 година и Декларацијата по повод референдумски изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонска држава од 17 септември истата година, се трите темелни документи на нашата современа, суверена, независна и меѓународно призната држава“, се вели во објавата на Заев на официјалната Фејсбук страница.
Според премиерот, тоа се одлуки достојни за гордост, во пресудни моменти, кога се решаваа историски прашања и кога граѓаните на нашата земја и одговорните политички лидери носеа големи одлуки, и направија вистински и исправни избори.
„Денес можеме слободно да кажеме дека како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност, Северна Македонија има посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западно-европскиот демократски цивилизациски круг.
Според Заев, нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. „Македонскиот јазик се користи и официјално се преведува слободно, секаде во сите меѓународни институции, активности и настани“, пишува Заев.
„Со решителност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и направивме пробив на меѓународен план и реализиравме една од стратешките цели – членството во НАТО. Членството во НАТО е суверен израз на нашиот избор дека сакаме да бидеме дел од евроатлантската заедница на демократии. Определба којашто секогаш имала силна поддршка од јавноста и уживала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. Различни генерации на политичари, професионалци од јавната администрација и од Армијата со години беа посветени и се вградија во остварувањето на оваа наша заедничка стратешка цел“, се нагласува во објавата.
За втората цел, членството во ЕУ, премиерот посочува дека Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија после серија исклучително позитивни извешти од Европската Комисија за реформскиот напредок што го остварува земјата.
„Останува Европската Унија да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив и дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште реалност. Од најдоброто од минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина. Тоа е нашиот придонес за генерациите после нас. Македонската иднина е европска“, порачува Заев во постот по повод 30 годишнината од донесувањето на Декларацијата за меѓународно признавање на државата.
Ц.Д