Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Андреа Силвестри, новиот амбасадор на Република Италија во земјава, соопштува Владата.
На состанокот е изразена поддршка од Италија за евроатлантските интеграции на нашата држава. Констатирано е дека Република Северна Македонија историски, географски, културно и политички припаѓа на Европа и се изразени очекувања дека нашата држава ќе продолжи да се движи по европскиот пат.
„Европските вредности им се потребни на нашите граѓани и ние продолжуваме да ја развиваме државата според овие принципи. Посветени сме на развојот на добрососедските односи, преку договорите со Грција и со Бугарија,има имплементација на Охридскиот рамковен договор, градиме Едно општество за сите граѓани и сега цениме дека е време за фокусирана посветеност кон економијата, здравството, образованието и на областите што директно се однесуваат на квалитетот на живот на граѓаните во земјава“, рече Заев.
На состанокот е заеднички оценето дека Италија може да помогне во реформите во правосудството и владеењето на правото, а е разговарано и за соработка во областа на здравството.