коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Што ги прави денешните наслови во македонските медиуми? Ако тоа не е КОВИД-19 пандемијата, тогаш тоа сигурно е истражувањето на јавното мислење на ИРИ. Редно беше да здивнеме за миг од светската вирусна напаст, па да се позанимаваме со „чисти“ политички теми за миг.
Зоран Заев води пред Христијан Мицкоски со вртоглава предност, според анкетата на ИРИ (Меѓународниот републикански институт). Со „многу го поддржувам“ одговориле 18% за Зоран Заев, додека дури 8% помалку испитаници го кажале тоа за Христијан Мицкоски.
Уште посилен е контрастот и по прашањето за перцепцијата на политичарите во Северна Македонија во кој се бара спонтан одговор. Според испитаниците на ИРИ, Заев е повеќе од двојно попопуларен од Мицкоски.
Ова е прв пат толку јасно да се изрази политичката наклонетост на испитаниците во едно истражување. Истовремено, истражувањето покажува стабилен „курс“ на поддршката на процесот на интеграциите на Северна Македонија во ЕУ, поточно, се бележи микроскопски „пад“. За разлика од јули 2018 година, кога поддршката за интеграција изнесувал 83%, овој месец, февруари 2020 година, поддршката на тој процес е 80%. Што би рекол мојот колега Ариан, тие три проценти се веќе во ЕУ или им паднала мрежата кога ги побарале за одговор. Како и да е, најниската поддршка за процесот на ЕУ интеграциите од 2008 година наваму, ИРИ бележи во април 2016, а и тогаш поддршката била извонредно висока: 71%.
Драстичната разлика во популарноста на лидерите на двете најголеми политички партии, некако оди рака под рака со стабилниот „курс“ на масовната поддршка за процесот на интеграциите во ЕУ.
Зошто е тоа така, може лесно да се претпостави.