-Ние сме Македонци што зборуваме македонски и сме членка на НАТО, ние ќе бидеме Македонци што зборуваат македонски и ќе сме членка на ЕУ, а патриотизам е да не бидеш заглавен во минатото и со тоа да ја загрозуваме сегашноста којашто никако не може да ја отвори иднината, рече премиерот Заев во интервју за радио Канал 77.
-Патриотизам во политиката е да обезбедиш двајца грчки премиери да потврдуваат постоење македонски јазик и македонски народ. Што бранат лидерите на опозицијата овие денови со протестите што ги организираат? Нели го изгубивме идентитетот со договорот од Преспа, како што велеа тие? Тешко, невозможно е да се постигне консензус со луѓе што лажат дека Холандија и Данска го блокираат усвојувањето на преговарачката рамка. Деманти стигнаа од највисоките политички институции на овие земји. Да лажете не е патриотизам“, рече премиерот .
Во однос на реакцијата на поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, Заев вели дека не му се лути и смета дека треба да биде активен.
-Не му се лутам на Црвенковски за реакцијата, напротив тој треба да биде активен, рече премиерот Зоран Заев во интервјуто за емисијата „Стадион“ на Канал 77.
„Тоа знаење кое е втемелено како и кај сите други политичари може да придонесат многу. Во ЕУ земјите како и во нашиот регион има такви претседатели кои се уште се активни. За мене тоа е коректив на политиките“, потенцираше Заев.