Премиерот Зоран Заев во вчерашното гостувањето во централниот дневник на „Сител“, истакна дека државата се однесува исто како што се однесуваат земјите членки на ЕУ и нашиот регион, и дека не се оди во екстреми во носење на одлуки за мерки за заштита од КОВИД-19.
„Се однесуваме исто како што се однесуваат земјите-членки на Европската Унија и нашиот регион, не одиме ние во екстреми долни или горни мерки во носењето на нашите одлуки, претпоставка е, ако се донесе карантин или полициски час тоа може само за тој период додека трае, малку да ги намали бројките ама штом се укине, пак ќе се зголемат. Денешната препорака, која што ја донесовме за неизлегување после 21:00 часот, освен во исклучителни ситуации е сериозна препорака“, истакна Заев.
Заев најави дека веднаш по усвојувањето на ребалансот на Буџетот, здравстевните работници ќе добијат две плати, но и понатаму ќе бидат нагрaдувани зашто тие се директно на браникот и работат со КОВИД – пациентите.
Премиерот истакна и дека граѓаните генерално ги почитуваат заштитните мерки, но добро е, рече, и тоа што веќе скоро сите сe плашат и сериозно го имаат сфатено вирусот.
„Најмногу се шири вирусот од групирањето и неносењето маски. Препораката што ја дадовме денеска, да не се излегува по 21 часот освен во исклучителни случаи, е сериозна. Но, гледаме дека граѓаните до 95 отсто носат маски, се придржуваат до мерките. На тоа сé влијае, и казните, и бројките на заразени, но најмногу стравот. Законот дава можност за сериозни казни, но исплашени сме сите. И јас сум исто така исплашен, имам семејство, деца, возрасни родители. Овој страв нека ни остане за да внимаваме“, рече Заев.
На прашањето дали можеби државата ноншалантно се однесувала за време на летото, премиерот потенцира дека не смее на децата да им се скрати правото на одмор. Сега, рече, обезбедени се условите за комбинирана настава и се прилагодуваат врз основа на корона ситуацијата.
Заев рече и дека КОВИД болници се обезбедуваат онаму каде што има дотур на кислород зашто тоа е најважниот услов, а спортските сали или некои други објекти се скоро истоветни со домашните услови на лекување.