Во потонат чамец источно од грчкиот остров Лезбос, загинале 15 мигранти, а спасени се пет, додека во тек се две спасувачки акции на грчката крајбрежна служба, едната во близина на Лезбос, другата во близина на островот Китира, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од грчката крајбрежна служба, биле информирани за потонат чамец во близина на Лезбос, по што започнала акцијата, под тешки услови, поради лошото време и силниот ветер и биле извлечени безживотните тела на 15 лица, пет биле спасени, три лица се заглавени во карпест дел, а според изјавата на мигрантите, на чамецот имало околу 40 лица.
Во тек е спасувачка акција и во близина на островот Китира, каде што едрилица со мигранти удрила во карпа и преку бројот за итни случаи 112 доцна синоќа била побарана помош, а според грчката новинска агенција АНА-МПА веќе се спасени 80 лица.
Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг пред денешниот состанок во Белград предупреди дека доколку не се преземат итни мерки, следниот миграциски бран може да биде полош од оној во 2015 година.
Шаленберг во Белград ќе учествува на средба со министрите за надворешни работи и за внатрешни работи на Србија, на Австрија и на Унгарија. Средбата е продолжение на неодамнешниот трилатерален Самит во Будимпешта.
– Фокусот на разговорите ќе биде дополнително интензивирање на криминалистичко-полициската соработка помеѓу Унгарија, Србија и Австрија, најави Шаленберг.
Тој додаде дека на средбата во Белград ќе се разговара за деталите и конкретните промени во плановите за борба против нерегуларната миграција долж балканската рута, како и за зголемена заштита на српската граница кон Република Северна Македонија, но и за усогласување на визниот режим со Србија.
Австриското Министерство за внатрешни работи главните причини за зголемување на бројот на барања за азил во Австрија во изминатите месеци ги гледа пред сè во безвизниот режим што Србија го има со Индија и со Тунис. Од јануари до август, во Австрија биле поднесени 56.149 барања за азил, а бројот на баратели од Индија и од Тунис е зголемен за 20 пати.