Започна вториот импичмент процес против поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој и воедно е прв таков процес во историјата на САД против поранешен претседател.
Процесот на импичмент поради обвинувања за „поттикнување бунт“ непосредно пред „смртоносниот марш на приврзаниците на Трамп на Капитол Хил на 6 јануари“ беше отворен од сенаторот Патрик Лихи, а на почетокот беа објавени видео снимки кои го покажуваа насилното однесување на луѓето кои упаднаа во Конгресот .
Демократскиот конгресмен Џејми Раскин и уште осум негови колеги од Претставничкиот дом го водат процесот за отповикување.
– Ако Сенатот не му суди на Трамп, ризикуваме 6 јануари да стане наша иднина, истакна Раскин.
Американските сенатори со 56 гласови „за“ и 44 гласови „против“ одлучија во Горниот дом од Конгресот да се одржи судење за отповикување на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Демократите тврдат дека имаат „непобитни“ докази за вината на Трамп, додека адвокатскиот тим на поранешниот американски претседател возвраќа дека демонстрантите дејствувале независно и оценува дека постапката во Сенатот е „апсурдна и неуставна“.
Според Си-Ен-Ен, американскиот претседател Џо Бајден нема да го следи судењето на Трамп, со образложение дека сака да се фокусира на својата работа и борбата против корона вирусот.
Бајден истакна дека мора да се фокусира на моменталната ситуација со корона вирусот, одбивајќи да го коментира текот на судењето на Доналд Трамп во американскиот Сенат.
-Веќе реков, имам работа. Досега изгубивме над 450.000 луѓе од корона вирусот и ќе изгубиме многу повеќе доколку не дејствуваме брзо и решително. Многу деца легнуваат гладни, многу семејства не се осигурени кога станува збор за храната. Тоа е мојата работа , рече Бајден.
Судењето на Трамп, како и неговиот епилог, спаѓаат во надлежност на Сенатот, а Бајден верува дека тоа ќе се спроведе во согласност со демократските закони
-Сенатот си има своја работа и го прави тоа токму сега. Сигурен сум дека ќе направи добро. Тоа е се што треба да кажам за импичментот, соопшти Бајден.
Доналд Трамп е единствениот американски претседател против кого е покрената постапка за отповикување.
И. Крџиќ