Собранието вчера ја одржа конститутивната седница, со што и започна трката за формирање на нова Влада.
И претседателот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавуваат мнозинство од 61 пратеник.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по завршувањето на седницата истакна дека е уверен дека ќе успеат да формираат стабилна и успешна влада со мандат од четири години.
„Уверен сум дека ќе успееме да формираме стабилна и успешна влада со мандат од четири години. Ова го темелиме на основ на бројките. Ќе ги слушнеме размислувањата и врз основа на тоа ќе пресечеме. На граѓаните им треба сериозен пристап, а не калкулации и исполнување некакви агенди“, рече Заев.
Многу пратеници, смета Заев, ќе дадат поддршка за формирање влада со оглед дека мнозинството во Собранието е широко. Тој апелира национализмот да се тргне на страна.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоцски, смета дека ќе формира Влада поради тоа што, како што изјави вчера, неговата партија е фокусирана на преговори за ново парламентарно мнозинство.
Мицкоски најави дека во периодот што следи ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зачести средбите со политичките партии кои се дел од сегашниот парламентарен состав, но не само со оние од албанскиот блок, туку и со оние од коалицијата на СДСМ. Можеби и тие, рече, ќе ја препознаат реформската програма на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја поддржат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е воедно уверен дека никој од пратеничката група „За обнова на Македонија“ нема да ја поддржи програмата на Заев и СДСМ.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села во контекст на формирањето нова влада, пред вчерашното конституирање на Парламентот изјави дека очекува да има правна држава која побрзо ќе стане членка на ЕУ. Според Африм Гаши од Алтернатива, пак, на партиите им треба повеќе политичка култура и волја да им служат на граѓаните.
Рано е да се зборува за очекувањата, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети според кој, преговорите за формирање нова влада може да почнат, но уште нема ништо конкретно.
Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија.
Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.