По повод почетокот на 16-те денови на активизам против насилството врз жените, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ предупредува дека една од најтешките последици од семејното насилство е економската несигурност со која жените и децата се соочуваат по разводот или разделбата. Напуштањето на насилната заедница не значи крај на насилството — тогаш започнува економската борба.
Економските последици од насилството
80% од жените биле спречени да работат, а 42% го изгубиле работното место поради насилството.
Жените се соочуваат со високи здравствени трошоци, од кои речиси половина се за лекови.
По заминувањето од домот, мораат итно да обезбедат кирија, сметки и основни трошоци за живот.
Поради недоволната државна поддршка, над 90% земаат кредити или позајмици за да преживеат.
Издршката за децата – недоволна и ненавремена
Системот за издршка не обезбедува реална заштита:
Во над 50% од случаите издршката не ги покрива основните трошоци.
70% од жените добиваат доцна, делумно или воопшто не добиваат издршка.
Постојните механизми за наплата се долги, неефикасни и обесхрабрувачки.
Што е потребно за нов почеток?
Финансиска поддршка во првите 6–12 месеци по напуштањето на домот.
Пристап до вработување, преквалификација и економско јакнење.
Брз и ефикасен механизам за наплата на издршката.
Координирана поддршка од сите институции.
Поголеми инвестиции во програми за економско осамостојување.
Апел до државата
ЕСЕ повикува на итно воспоставување систем за финансиска сигурност на жените во транзиција.
Без економска стабилност, ризикот од сиромаштија, повторна виктимизација или враќање во насилната средина останува висок.












